среда, 30 октомври 2024

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија ќе го затвори Скопско лето

Со концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, вечерва во 20.30 часот во Сули ан, ќе биде затворено 45. издание на Скопско лето. Како солисти ќе настапат Симеон Гошев – виолина и Енис Аљи – виолончело.

Објавено на

часот

Сподели

Љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во изведбата на дела од А. Вивалди, Р. Аврамовски, Д. Попер, Т. Зографски и Д. Шуплевски.
Роден во Скопје, Еминовиќ на ФМУ се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети.

Како пијанист одржал повеќе концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола, фестивалот ЕРТА во Осиек, Хрватска и други). Во јули 2018 диригира со Сараевската филхармонија по повод отворање на Башчаршиски ноќи во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет меѓу кои Травијата, Набуко, Дамата со камелии, Кармина Бурана, Севилски бербер, Кавалерија Рустикана, Жизел, Риголето, Евгениј Онегин, Адриана Лекуврер, Дон Џовани, Турандот, Реквием – Моцарт, како и многубројни концерти.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986 година.
Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа, составен е од студенти на ФМУ – Скопје, но и од гости и млади музичари од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано 350 млади, како и голем број на млади, но и афирмирани светски солисти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ