петок, 18 октомври 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кaков систем за климатизација да се одбере?

Со разни испитувања е докажано дека удобноста и работниот ефект на луѓето зависат од комфорните услови на средината во кои тие престојуваат и работат, односно од состојбата на воздухот.

Климатизација е обработка на воздухот со помош на техничка опрема со цел постигнување на сакана состојба на воздухот. Таа се карактеризира со следниве параметри: температура, влажност, свеж воздух, чистота, брзина… Климатизацијата се применува и за обезбедување на соодветни услови за одвивање на разни технолошки процеси во поедини индустриски области.

Иако имало почетни обиди уште во 19 век, во 1902 година американскиот пронаоѓач Вилис Кериер (Willis Carrier) го инсталирал првиот систем за климатизација и ја формирал фирмата Carrier која постои и денес и е една од најголемите во светот во оваа област. Набргу се појавиле индивидуални клима апарати во моноблок изведба (т.н. прозорски климатизери) како и разни системи за централна климатизација. Повозрасните граѓани се сеќаваат дека првите индивидуални клима апарати во Македонија беа моноблок единици и беа со релативно висока цена. Првиот клима апарат во сплит (разделена) изведба на пазарот го пласираше фирмата Тошиба (Toshiba), а во Македонија се појавува по 1985 година со многу висока цена.

Денес кога ќе се спомене клима апарат се мисли на сплит систем, а цената е неколку пати пониска од порано. Паралелно со индивидуалните клима уреди, во Македонја се вградуваа(т) и централни системи за климатизација кај поголеми објекти од јавен и комерцијален карактер.

Многу е важна одлуката за тоа каков систем за климатизација да се одбере. Тоа треба да се направи уште во фаза на проектирање на објектот, а не по завршување на неговата изградба. Исто така, треба истовремено да се разгледува и системот за греење. Ова е особено важно бидејќи денес сите клима уреди и ладилни машини може да служат и за ладење и за греење (режим на топлинска пумпа).

Изборот на опремата треба да се прави според направени пресметки на топлински добивки на просториите бидејќи денес има згради со повисока енергетска класа така што ладилниот капацитет кај нив може да биде два или повеќе пати помал за иста квадратура. Дури и при избор на индивидуален клима апарат, пожелно е да биде консултирано стручно лице или да се направи контакт со специјализирана фирма. Голем број граѓани и фирми не се запознаени со можните опции при избор на систем за климатизација.

Каков систем за климатизација да се одбере најмногу зависи од намената на објектот, неговата големина, цената на опремата… Наједноставен и најефтин е клима апаратот во сплит изведба, а тоа е и најраспространетиот тип. Најчесто се монтира еден ваков клима апарат за секоја просторија. Ако се работи за објект со две или повеќе простории, тогаш не треба да се ставаат посебни клима уреди за секоја просторија, туку може еден систем кој се состои од една заедничка надворешна единица и соодветен број внатрешни единици. За поголем објект со повеќе простории има опција за централен систем со индиректно ладење (и греење) каде што има ладилна машина за ладење вода (или антифриз), во пракса наречена „чилер“, која со помош на пумпа и низ цевководна мрежа циркулира во вентилаторски конвектори (фен-коил единици) во просториите. Кај овие системи постои можност за добивање на санитарна топла вода со многу помала потрошувачка на електрична енергија отколку со класичен електричен бојлер.

За простории во кои престојуваат поголем број на лица потребно е доведување на свеж воздух кој се подготвува во т.н. клима-комори во кои се врши филтрирање, ладење (или греење) и влажнење (во зима). Потоа, со каналски развод воздухот се уфрлува во просториите преку соодветни решетки.

За објект со поголем број на простории, може да се користи и централен VRF систем. Тој се состои од една надворешна единица и неколку десетици внатрешни единици, а сите се поврзани со цевки во кои струи специјален ладилен флуид (наречен фреон во минатото).

Во нашата земја, но и во регионот, често гледаме слики на згради каде на фасадите се монтирани голем број клима апарати и тоа за секоја просторија одделно. Како примери кај нас ќе ги наведам зградите на Министерството за труд и социјални работи, МОН (порано “Нова Македонија“), Народна банка на РМ и др. Ова е погрешен концепт, а изгледот со „струпки“ на фасадата треба да се избегнува, и има решенија како тоа да се направи. Затоа, треба да се донесат и некакви прописи, а и архитектите не треба да го дозволуваат тоа.

На крај како дополнение на одговорот на прашањето од насловот да кажам дека тоа не се решава со методот „плукни и залепи“ или со ставање сплит клима уреди купени од продавници за широка потрошувачка и монтажа од кој било. Се работи за комплексна проблематика. За наоѓање на соодветно решение, како и за изведување на современ систем за климатизација (и греење) се препорачува контакт со специјализирана фирма која може да дава консултации, да прави проектирање, да врши испорака на опрема, монтажа, сервисирање, обезбедени резервни делови и сл.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ