Истиот тој ден, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави дека за своја заменичка, односно за заменик-генерален секретар на Алијансата ја именува поранешната министерка за одбрана од Македонија, Радмила Шекеринска. Навистина, во биографијата на Шекеринска од државните политички функции е наведена и таа како вицепремиерка за евроинтеграции во една од македонските влади, што говори дека линијата на дејствување во нејзината политичка кариера била насочена кон европските и евроатланските интеграции на земјата (во случајов – Македонија) каде што била дел од владејачките структури.
И покрај сѐ, со сите жртви и контроверзии во процесот, непобитен е фактот дека Македонија стана членка на НАТО во 2020 година кога Радмила Шекеринска го водеше Министерството за одбрана. Иако 12 години се чекаше на тој момент, од самитот на НАТО во Букурешт 2008 година, сепак во Македонија немаше големи прослави кога се случи членството во март 2020 (откако сите земји-членки на Алијансата го ратификуваа протоколот во своите парламенти), со официјално образложение дека „не е време за прослави“. Тоа беа првите денови на карантините во пандемијата на ковид-19, но и без тоа, во Македонија остана оној горчлив вкус на „победа“ за членството во НАТО, зашто тоа се случи со потпишување на Преспанскиот договор со Грција, менување на името на државата со многу опструктивни моменти за идентитетот на македонската нација, со кои и денес се справуваме во процесот на евроинтеграциите.
Членството во НАТО, со сите придобивки (и финансиско-материјални обврски) од безбедносен аспект, во Македонија и понатаму се доживува како половична награда, за преголемата национална жртва, која беше практично изнудена од македонската држава, иако беше ветувано од ЕУ-НАТО-факторите дека сѐ ќе биде „во комплет“ со почеток на преговори за членство во ЕУ. Покрај честитките што ги доби Шекеринска за високата позиција во НАТО (од амбасадори во земјава, политичари од регионот и најмногу од нејзините партиски колеги, поранешни и сегашни лидери на СДСМ), во македонската јавност се слушна и еден можеби малициозен коментар, од видот „барем некој од Македонија да има корист од промената на името на државата“.
Американската амбасадорка во Македонија, Ангела Агелер, во честитката до Шекеринска ѝ честиташе и на македонската влада за поддршката што ја дала за нејзината кандидатура за позицијата во НАТО, веројатно со намера да го поздрави таквиот гест на владата, и покрај фактот дека е од спротивната политичка опција во земјава на сега веќе заменик-генералната секретарка на НАТО. Сепак, во многубројните честитки, не беше забележана и гласна и јавна честитка од некој претставник на актуелната влада.
Радмила Шекеринска на македонската политичка сцена е активен и влијателен учесник уште од првите години на независноста на државата, од нејзината младинска возраст во млaдинските структури на партијата што денеска е СДСМ, а тогаш сѐ уште го носеше името Сојуз на комунисти на Македонија, а во една фаза и СКМ-ПДП. Веројатно поради својата забележлива и (тогаш) нескротена кадрава коса и интелектуалниот изглед што на младите луѓе им го даваат очилата, уште при првите елоквентни настапи на политичката сцена во Македонија, некои од тогашните новинари ја нарекоа „девојчето Хајди од СДСМ“, според ликот од литературата за деца, т.е. романот на Јохана Шпири. Но набрзо на сите им стана јасно дека Радмила Шекеринска и на таа младешка возраст ја има одамна надминато наивноста и искреноста на ликот од детската книга. Брзо напредуваше во партиската хиерархија, но мора да се признае, и мудро ја водеше својата тридецениска политичка кариера, со вешти процени кога и каде треба да напаѓа и кога е момент за повлекување. Како момент за повлекување од партиската и од државната политика Шекеринска го процени оној пред три години, кога нејзината партија, која беше на власт, доживеа дебакл на локалните избори. Уште тогаш, политичките аналитичари во Македонија проценија дека тоа е тактички потег за залет во ново ниво на нејзината политичка кариера, кон европските или НАТО-структурите. Вчерашното именување за заменик-генерална секретарка на НАТО докажува дека политичкото тактизирање на Шекеринска било вистински влог во нејзината кариера.
Колку што изгледа дека Радмила Шекеринска мудро ја води својата лична политичка кариера, нејзиното политичкото дејствување во Македонија во голема мера придонесе за сликата на прототипот на македонски политичар што ветува бонбони (бизниси) без процена дали може да исполни, односно како што ветува, така ги заборава ветувањата. Прототип на политичар-опортунист, за кој целта ги оправдува средствата. Веројатно најдрастичен доказ за таквата перцепција е нејзиното учество во процесот на ветувања за придобивките на Македонија од Преспанскиот договор, од што како епилог државата доби ново име и идентитетски оспорувања, а таа отиде на ново ниво во политичката кариера. Како лидер на СДСМ, Шекеринска до последниот изборен дебакл на партијата оваа година, го држеше партискиот рекорд во загубена доверба на избори. На предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога таа беше претседателка на СДСМ и ја предводеше коалицијата Сонце, нејзината партија освои 233.284 гласа и 12 пратенички места помалку од тие во претходниот парламентарен состав. Интересно е што партиските и политички порази, Шекеринска (а и партијата од која потекнува) успева да ги интерпретира како „политичка жртва во интерес на државата“. Интерпретацијата е – носиме ризични политички одлуки (некогаш на работ на правото и правдата), плаќаме политичка цена (жртва), но државата се движи напред (кон НАТО, кон ЕУ)…
Од лежерноста на Шекеринска спрема политичките и економските ветувања, во македонската политичка фразеологија остана нејзината изјава од 2006 година за „бонбона-бизнис“ за приватизацијата, т.е. продажбата на ЕСМ – Електростопанството на Македонија, економски проект на тогашната влада на СДСМ. Со слична леснотија пред изборите во 2020 година даде ветување дека на новиот пат Кичево-Охрид ќе се вози во 2021 година, што не се случи. Веројатно има и други ветувања спрема гласачите во Македонија што не биле исполнети, за кои цената веројатно ја платила партијата, но не и Шекеринска.
Долгогодишното дејствување во високата политика на една држава претпоставува одредена растегливост на моралните и етички норми за политичарот што успева да го одржува своето влијание. Секако дека таквата растегливост на моралот и етиката не е според стандардите на доброто владеење во демократијата, но доволно моќните во Македонија успеваат да ги игнорираат таквите „ограничувања“. Во македонската медиумска архива постојат повеќе докази дека Радмила Шекеринска е една од тие „доволно моќни“.
Во 2015 година беше актуелна аферата дека Шекеринска и нејзиниот сопруг Божидар Јанковски си изнајмувале самите себеси 4 стана, односно ѝ ги изнајмувале на фирмата со која раководи нејзиниот сопруг во Македонија. Тогаш се споменуваа суми од 320.000 евра годишно како добивка за „изнајмување“ на становите.
Во времето кога Шекеринска беше министерка за одбрана, спорна беше набавката на униформите за АРМ, односно имаше повторување на тендерите, поради неквалитетна изработка на униформите.
Во секој случај, Радмила Шекеринска веќе е на ново ниво од својата политика кариера, како заменик-генерален секретар на НАТО, каде што ја претставува Македонија, под новото име со географска одредница. Поетски-метафорично кажано, македонската Хајди ги освои висините на НАТО. Во македонската јавност, во извесна мера цинична и сомничава поради неисполнетите ветувања од меѓународната заедница спрема Македонија, остана дилемата: дали сметката за тоа што Македонка е на висока позиција во НАТО е веќе платена, или е отворена нова вересија?
Ј.П.