петок, 18 октомври 2024
Дискусија за владеењето на правото за членките на ЕУ и кандидатите

Кацарска: Постојат сомнежи дека судската фела нема капацитет сама да се избори за независност

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на дискусијата „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“, Кацарска посочи дека независноста на судството е еден од клучните постулати на Поглавјето 23, меѓутоа треба да се гледа пошироко, бидејќи тоа е основата на кластерот „основи“. 

„Несомнено случувањата во Судскиот совет, нема да бидат предмет само на холандскиот амбасадор. Тие се предмет на следење и мониторинг и на нашиот Извештај што претстои наесен. Ќе бидат основа за подготвување на акциските планови за владеење на правото“, изјави Кацарска.  

Според Кацарска, постои сомневање дали судската фела има капацитет сама да се избори за независност.

„Овој модел на управување во судството е воведен 2005 година, под препорака на ЕУ. Јасно е дека кај нас во моментот постои сомневање дали судската фела го има капацитетот сама да се избори за интегритет внатре, бидејќи тоа е прашањето кое е на агендата и веројатно оваа епизода ќе потрае уште неколку месеци“, изјави Кацарска. 

ЕУ, посочи Кацарска, подолг период бара начини како да го подобри мониторингот во владеењето на правото. 

„Во голема мера, во нашиот случај сега тоа ќе биде врзано со преговорите и со акциските планови кои што треба да се подготват од страна на државата и да се одобрат од ЕУ“, изјави Кацарска.

Според неа, за нас е многу подобро да ги добиеме скрининг извештаите многу порано, за да може да видиме што проценила Комисијата и како ние внатре ќе се спремиме.

„Јасно е дека ЕК мора да посвети многу повеќе мониторинг на областите судство, меѓутоа и на областите на човековите права, што не беше случај во голема мера во изминатиот период, особено во овој сегмент“, изјави Кацарска.

Во контекст на поларизацијата, Кацарска, смета дека ќе мора да работиме на градење на консензус, на еден или на друг начин.

„Двотретинското мнозинство ќе биде неопходно за закони, меѓутоа консензусот во општеството ќе биде потребен за спроведување на било какви долгорочни реформи во контекст на пристапувањето. Многу тешко е да може да видиме ефикасно водење на преговорите, без минимум консензус“, нагласи Кацарска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ