петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Јузеф Обрембски, Македонија 1, Македонија 2, Етносоциолошки студии

Кон крајот  на 2022 година во Варшава беше објавена едицијата, односно македонската оставина на Јозеф Обрембски во два тома: Македонија 1 и Македонија 2, Етносоциолошки студии, во научна редакција на Ана Енгелкинг, Јоана Ремкас и Илија Упалевски. Сепак, главен  носител на проектот е проф. Ана Енгелкинг. При нејзината подготовка членовите на редакцијата покажаа високо ниво на знаење, умеење, посветеност, трудољубивост  и трпеливост, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа ракописот на Ј. Обрембски, тоа значи колку тој е тежок за читање. Покровител на оваа едиција е Комитетот на етнолошките науки на Полската академија на науките, а во нејзината обработка и печатење покрај неколку полски институции, меѓу кои Институтот за славистика при Полската академија на науките, се јавува и Фондацијата на Трифун Костовски при Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.

Оваа едиција претставува една од најсериозните странски научни публикации посветени на Македонија и Македонците. Таа е подготвена на сериозно научно ниво, со современ методолошки и критички пристап. Полскиот читател добил прекрасен материјал посветен на народниот живот на Македонците. Благодарение на ова издание тој ќе ги прошири своите знаења за Македонија, а за научните работници, кои се занимаваат со македонска проблематика, а и пошироко со словенска  ќе претставува предизвик во нивните научни истражувања.

Всушност, ќе ја откријат народната култура на Македонија од првата половина на дваесеттиот век, која во многу сегменти е зачувана и во нашата современост. Како што е познато Ј. Обрембски во годините 1932-1933 водел теренски истражувања во Македонија, во областа Порече. Врз основа на теренските материјали уште пред Втората светска војна во Полска објавил неколку научни студии, а најголемиот дел кој бил во ракопис после деведесетина години е презентиран во овие два тома.

п

Во овој краток  напис  нема да се задржувам на елаборирање на содржината на оваа прекрасна едиција, бидејќи претходно кај нас беше објавено делото на Ј. Обрембски, во три книги „Фолклорни и етнографски материјали од Порече“ (2001), „Македонски етносоциолошки студии“ (2001 и 2002).  Исто така,  објавен е и албум „Порече 1932-1933“(2003), како и  монографското издание „Јозеф Обрембски, Значаен истражувач на народната култура на Македонците“ (2006) и повеќе научни прилози.

Полското издание во споредба со македонското е покомплетно, содржи повеќе материјали, научни анализи и коментари, како  и богата научна библиографија. Следствено е на повисоко научно ниво. Овој факт, меѓу другото, се должи на тоа што македонската наука до излегувањето на погорните трудови, речиси,  ништо не знаеше за ликот на Ј. Обрембски  и за неговите истражувања во Македонија. Отсуствуваше секаква научна литература. Лично за мене, како носител на овие проекти, беше важно нашата јавност што поскоро да се запознае со овој значаен истражувач на македонската народна култура и неговите теренски материјали и трудови, со што би  се пополнила една чувствителна празнина во нашите етнолошки и социолошки истражувања. И така се случило.

На крајот сакам да истакнам дека Ј. Обрембски не се занимавал со прашања од етничка и јазична природа  на Македонците, но  во неговите трудови попатно ја засегнува оваа проблематика. Ќе посочам  само еден пример. Пишувајќи за народот од  Порече ќе напише: „Тој е еден од племенско-територијалниот дел на македонскиот народ, во блиско сродство со српскиот народ, црногорскиот и хрватскиот, а исто така со западните делови на бугарскиот, тој му припаѓа на јужнословенската јазична група, а со самото тоа кон големото европско семејство и заедно со своите најблиски побратими дава еден од различните варијанти на традиционалната култура на Источна Европа“ (1, 47).

Оваа мисла на Ј. Обрембски потекнува од пред деведесетина години.

 

                                                                                                                           Танас Вражиновски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ