четврток, 14 ноември 2024

Јун: Јужна Кореја може да ја зголеми поддршката за Украина поради помошта на Северна Кореја за Русија

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол изјави денеска дека Сеул би можел да ја зголеми поддршката за Украина, во зависност од тоа како Северна Кореја ќе биде вклучена во руската војна против Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Доколку не престанат со својата опасна воена акција, подготвени сме да преземеме соодветни и ефективни мерки, вклучително и зголемена поддршка за Украина, во соработка со нашите сојузници и истомисленици“, рече Јун во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ, пред својата посета на Јужна Америка, каде што ќе учествува на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Перу и на самитот на Групата 20 (Г20) во Бразил.

Тој, исто така, предупреди на можноста Русија да ја пренесе клучната воена технологија на Северна Кореја во замена за испраќање севернокорејски војници, изразувајќи загриженост дека овие војници би можеле да стекнат искуство во современите техники на војување за време на борбите во Украина.

Тој ги повика Пјонгјанг и Москва да ја прекинат својата „нелегална“ воена соработка и да ги повлечат севернокорејските трупи од руска територија, објави Јонхап.

Претседателот исто така ја нагласи посветеноста на Сеул во одржувањето „стратешки дијалог“ со Кина, која е сојузник и на Северна Кореја и на Русија, нагласувајќи ја важноста на Кина во зачувувањето на стабилноста во регионот.

На претстојните самити на АПЕК и Г20, Јун најави дека ќе се заложи за слободна и отворена светска трговија, нагласувајќи ја растечката „стратешка важност“ на Латинска Америка.

Овој пат е прва официјална посета на Јун на Латинска Америка откако стана претседател во мај 2022 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ