среда, 4 декември 2024

Ирска им нареди на Икс, Инстаграм и Тикток да ја ограничат терористичката содржина

Платформата на Маск Икс, Тикток и Инстаграм на Мета добија наредба од регулаторот за медиуми во Ирска да преземат „неопходни мерки“ за да спречат прикажување терористички содржини според новите закони за безбедност на интернет.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Ирскиот медиумски регулатор Комисија за медиуми ја донесе одлуката откако истрагата покажа дека социјалните мрежи биле „изложени на терористичка содржина“ поради слабите безбедносни мерки.

Овие одлуки се донесуваат кога мрежите се соочуваат со најмалку две наредби од надлежните тела на ЕУ, за отстранување на содржина, обично од полицијата, а понекогаш и од регулаторите, во изминатите 12 месеци.

Наредбите според регулативата на ЕУ за терористичка содржина обично бараат содржината да се отстрани во рок од еден час по издавањето на наредбата.

Ирската комисија за медиуми им даде на социјалните мрежи рок од 12 недели да воведат „ефективни, насочени и пропорционални“ мерки за борба против терористичките содржини со почитување на правото на слободата на говорот.

„Тикток, Икс и Мета (во врска со Инстаграм) ќе бидат обврзани да преземат конкретни мерки за да ги заштитат своите услуги да бидат користени за ширење на терористичка содржина и да ја известат Комисија за медиуми за преземените мерки во рок од три месеци од добивањето на одлуката“, се вели во соопштението.

Меѓу неопходните мерки е и вклучување на одредба за злоупотреба на платформите во условите за користење.

Доколку ирската комисија оцени дека мерките не се доволни, може да изрече казни до 4% од глобалниот приход.

Европската комисија отвори голем број истраги за онлајн платформите откако стапи на сила Законот за дигитални услуги, но ирскиот регулатор има посебна улога бидејќи технолошките компании за ЕУ се со седиште во Даблин.

Обемот на проблемот со кој се соочуваат европските регулатори беше истакнат во мај, кога европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон објави дека се издадени повеќе од 550 наредби за отстранување на содржина откако стапија на сила регулативите против терористички содржини.

Загриженоста за терористичката содржина на многу социјални мрежи е зголемена по нападот на Хамас врз Израел во октомври и апсењата во Германија поврзани со наводниот обид за државен удар.

Во септември, ирската комисија за медиуми изрази загриженост дека луѓето имаат потешкотии да пријават нелегална содржина на онлајн платформите и најави отпочнување на официјален преглед на достапните процеси за пријавување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ