понеделник, 21 октомври 2024
Денеска завршува мандатот на Републичкиот јавен обвинител

Јовески: Нападите кон Јавното обвинителство често се неосновани

Во последниот извештај на Европската комисија (ЕК) оценките за борбата против корупцијата навистина се ниски и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади, вели првиот човек на Јавното обвинителство на Република Македонија, Љубомир Јовески во своето обраќање до јавноста на последниот ден од неговиот мандат.

Објавено на

часот

Сподели

Цитирајќи го еден од поранешните американски претседатели, Абрахам Линколн дека треба да се верува дека правото има моќ; и со таа верба да се осмелиме до крај да ја вршиме нашата должност онака како што ја разбираме, Јовески вели дека со често неосновани напади секој си правеше анкети и ги презентираше како релевантни.

 

„Се создаде атмосфера дека довербата во нашата работа е нереално многу ниска. На пример, покрај другите предмети правосудството постапува и по граѓански во кои одлуката е во корист само на едната страна. И покрај тоа, во значителен број предмети странките ја прифатиле донесената одлука и не изјавиле жалба. Во јавното обвинителство, пак, бројот на поднесени кривични пријави од граѓани од година во година расте, што исто така е показател дека довербата на граѓаните во нашата работа се зголемува и е многу повисока од презентираната. Анкетите, онака како што се прават за политичарите и политичките партии, не се соодветни за мерењето на довербата во работата на Јавното обвинителство“, вели Јовески.

Како пример за своето тврдење, Јовески посочува, како што вели, некоку податоци од стручно и релевантно истражување на Светска банка кое деновиве и целосно ќе биде објавено, а се однесува на состојбите со јавната перцепција на правосудството во Македонија.

„На пример на прашањето колку се ефикасни правосудните институции, генерално  позитивна оценка дале 28 отсто од граѓаните и 33 отсто од бизнисмените. Запрашани за ефикасноста конкретно во нивниот предмет за оние што имале такво искуство 47 отсто од граѓаните и 37 отсто од бизнисмените рекле дека се задоволни. Квалитетот на работата на правосудните институции позитивно го оцениле повторно 28 отсто од граѓаните и 31 отсто од бизнисмените, а во нивен предмет тој процент се искачува на 50 отсто од граѓаните и 42 отсто од бизнимените кои се задоволни од квалитетот на одлуките. На прашањето колку е фер правосудниот систем позитивно се изјасниле 24 отсто од граѓаните и 23 отсто од бизнисмените, додека од оние што имале лично искуство позитивна оценка дале 60 отто од граѓаните и 55 отсто од бизнисмените. Дали во изминатите шест години можевме и подобро и повеќе? Сигурно да, но во ниту еден момент не сум престанал да се залагам за повеќе и за подобри резултати“, вели Јовески.

Во своето годишно и последно обраќање како Републички јавен обвинител, Јовески упатува порака и до своите колеги јавни обвинители.

„Стрпливоста и упорноста се столбовите на секоја кариера во правосудството. Потрагата по правдата е маратон, а не спринт, трка на кратки патеки и затоа човек мора да одржува темпо и да е истраен. Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате. Со чесна и напорна работа вашите резултати нема да останат непрепознаени од јавноста“, им порачува Јовески на колегите.

Љубомир Јовески е избран за Јавен обвинител на Република Македонија на 25 декември 2017 година. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје во 1978 година. Правосудниот испит го положил во 1983 година. Во својата професионална биографија Јовески има повеќе од 15 години работно искуство како судија на предмети од кривична материја, повеќе од 12 години работно искуство како јавен обвинител и 7 години работно искуство во областа на извршување на кривичните санкции.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ