Навалнаја знае дека се соочува со апсење доколку се врати дома додека Путин е сè уште на власт. Неговата администрација ја обвини за учество во екстремизам.
Нејзиниот сопруг, најгласниот критичар на претседателот Путин, беше осуден на 19 години за екстремизам, обвиненија кои се сметаа за политички мотивирани. Тој почина во февруари во брутална казнена колонија во Арктичкиот круг. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека нема сомнеж дека Путин е виновен. Русија негира дека го убила Навални.
Презентирајќи го „Патриот“, мемоарите што нејзиниот сопруг ги напиша пред смртта, Навалнаја ги повтори своите планови да ја продолжи борбата на својот сопруг за демократија.
„Кога ќе дојде време, ќе учествувам на претседателските избори како кандидатка. Мој политички противник е Владимир Путин. И ќе направам сè за да го урнеме неговиот режим што е можно поскоро“, рече Навалнаја. Но, сега мора тоа да биде надвор од Русија.
Навалнаја вели дека не може да се врати додека Путин е на чело, но со нетрпение го очекува денот за кој верува дека неизбежно ќе дојде, кога ерата на Путин ќе заврши и Русија повторно ќе се отвори. Исто како и својот сопруг, таа верува дека ќе има можност да се одржат слободни и фер избори. Кога тоа ќе се случи, таа вели дека ќе биде таму.
Навалнаја вели дека била спречена да го посети или да разговара со својот сопруг две години пред да умре. Таа вели дека Алексеј бил мачен, изгладнуван и чуван во ужасни услови.
По неговата смрт, САД, ЕУ и Велика Британија најавија нови санкции против Русија. Ова вклучи замрзнување на имотот на шесте затворски началници кои раководеа со казнената колонија на Арктичкиот круг и други санкции против судиите вклучени во кривичната постапка против Навални.
Реакцијата на меѓународната заедница на смртта на нејзиниот сопруг Навалнаја ја нарекува „шега“ и ги повикува „малку помалку да се плашат“ од Путин. Таа сака да го види претседателот затворен.
„Не сакам да биде во затвор некаде во странство, во убав затвор со компјутер, убава храна… Сакам да биде во руски затвор. И тоа не е сè – сакам да биде во исти услови како Алексеј. Тоа ми е многу важно“, вели Навалнаја.
Русите тврдат дека Навални починал од природна смрт. Навалнаја смета дека претседателот Путин го наредил неговото убиство. „Владимир Путин е одговорен за смртта и убиството на мојот сопруг“, вели Јулија Навалнаја.