„Лидерите ширум светот мора да се соочат со реалноста дека нуклеарните закани за кои сега се залагаат одредени пратеници ја откриваат глупоста на теоријата за нуклеарно заплашување“, рече градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи на церемонијата. Премиерот Кишида, од друга страна, рече дека патот кон свет без нуклеарно оружје станува сè поостар, делумно поради руските нуклеарни закани, но дека е уште поважно да се врати меѓународната волја за постигнување на таа цел.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ја изрази својата поддршка. „Светските лидери го посетија овој град, ги видоа неговите споменици, разговараа со неговите храбри преживеани, а потоа се охрабрија да се залагаат за нуклеарно разоружување. Повеќе од нив треба да го сторат тоа, бидејќи тапаните на нуклеарната војна повторно бијат“, рече тој.
Денот на комеморацијата на жртвите од првиот нуклеарен напад во светот се случува во време кога многумина стравуваат дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје во војната со Украина. Исто така, тоа доаѓа во време кога биографскиот филм Опенхајмер, кој го опишува создавањето на атомската бомба, стана хит во американските кина, но и во остатокот од светот.
Хирошима беше во центарот на вниманието во мај, кога јапонскиот премиер Фумио Кишида беше домаќин на состанокот на седумте водечки економии од Г7. Лидерите на Г7 тогаш ја изразија својата посветеност за постигнување разоружување, но рекоа дека нуклеарното оружје, се додека постои, треба да служи за заплашување, одвраќање и спречување војна.
Бомбата фрлена врз Хирошима на 6 август, наречена „Мало момче“, веднаш уби 80.000 луѓе, а до крајот на годината уште околу 70.000. Бомбата „Дебелиот човек“ беше фрлена во Нагасаки на 9 август, при што веднаш загинаа 22.000 луѓе, а уште 39.000 починаа од ефектите на радијацијата. Јапонија се предаде на 15 август.