Во изјавата по лидерската средба Ковачевски рече дека прифаќањето на уставните измени останува единствениот предуслов за членството во ЕУ.
„Тоа е јасно и секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство е исклучително неодговорна и опасна политичка одлука. Овој став го споделив на лидерскиот состанок, со напомена дека уставните измени ќе останат да бидат обврска и за овој парламентарен состав и за секој нареден и секоја теза дека има некоја друга алтернатива за нашето членство во ЕУ е погрешно.
Сега е време да се постапи правилно и да се донесат уставните измени. Што се однесува до измените на Изборниот законик, препораките на ОБСЕ / ОДИХР се препораки во делот на законската рамка, постапката во делот на приговор и жалбена постапка за заштита на избирачкото право, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампања, медиумското претставување во изборниот процес“, рече Ковачевски.
Тој напомена дека по 17 години повторно имаме редовни парламентарни избори. „Последните редовни парламентарни избори во нашата држава биле во 2006 година. Тоа значи дека Владата успеала да креира дополнителна стабилност, извесност, предвидливост и почитување на редот и законите согласно највисоки демократски принципи. И тоа е голем чекор, по постоењето на заробената држава до пред само помалку од една декада“, рече Ковачевски и додаде дека неговата партија иницира формирање широк европски фронт на сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и дека е почната постапката за избор на кандидат за претседател.