Новинарите од Франс прес рано утринава известија за нови израелски напади синоќа врз пограничниот град во јужниот дел на Појасот Газа.
Двајца членови на Хамас беа цел на израелски напад во Рафа во неделата вечерта, кој предизвика пожар во камп, при што загинаа 45 лица, според тамошното Министерство за здравство.
Нападот наиде на меѓународна осуда, a Палестинците и многу арапски земји го нарекоа масакр. Израел соопшти дека ја истражува трагичната несреќа.
„Нема безбедно место во Газа. Овој ужас мора да престане“, објави на социјалните мрежи генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Шефот на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, укажа на предупредувањата за опасност за цивилите што му претходеа на упадот во Рафа.
„Синоќа ги видовме последиците од тотално неприфатливиот напад“, рече тој, додавајќи дека тоа што го нарекле грешка не значи ништо за оние што беа убиени, оние што тагуваат и оние што се обидуваат да ги спасат своите животи.
Алжир го свика денешниот итен состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разговара за нападот.
Портпаролот на Советот за безбедност на ОН рече дека Израел мора да ги преземе сите можни мерки на претпазливост за да ги заштити цивилите.
Високиот комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ рече дека е ужаснат од нападот, а францускиот претседател дека е згрозен.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа во израелскиот парламент (Кнесет) изјави дека луѓето загинале „и покрај најдобрите напори да се спасат цивилите“.
Нападот се случи пред планираното официјално признавање на палестинската држава од Шпанија, Ирска и Норвешка.