петок, 19 јули 2024

Исправка на ДКСК: Анѓушев не е сопственик на Еуроникел

Заради сензитивноста на предметот, поврзан со стечајната постапка на Фени координирана од поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, што е веќе презентиран во детали пред јавноста на јавна седница, сакаме да појасниме дека во интервјуто на Топ тема на ТВ Телма од 6 декември, претседателката Билјана Ивановска, употребувајќи формулација: „една од фирмите на Кочо Анѓушев, Еуроникел или Еуроникел индустри“, остави впечаток дека фирмите се сопственост на г-динот Кочо Анѓушев. Всушност, станува збор за фирми кои според приложениот деловен план – писмо со намери, од 1 август 2019 година, требало целосно да го преземат ФЕНИ во стечајната постапка координирана од тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, за што Еуроникел со Владата на РСМ склучил договор за финансиска поддршка на инвестициите, се вели во исправката на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Објавено на

часот

Сподели

Во исправката ДКСК уште еднаш ги изнесе наодите од овој предмет:

„На 1 август 2019 година, Еуроникел поднел барање во Агенцијата за странски инвестиции, за поддршка на инвестиција оквалификувана под мерката бр. 6 – Поддршка за откуп на материјални средства од деловни субјекти во потешкотии.

По извршената административна проверка за исполнетост на условите, ад-хок комисијата за евалуација, со извештај од 30 септември 2019 година дала негативно мислење, бидејќи субјектот, извршувал регулирана дејност т.е. поседувал лиценца за производство на струја.

Но, предметот бил повторно отворен откако на 8 октомври 2019 година Еуорникел ја известил Агенцијата дека не поседува лиценца за производство на струја, односно дека истата ја поседува Еуроникел индустри. Ад-хок комисијата овој пат ценела дијаметрално спротивно и дала позитивно мислење за доделување финансиска поддршка за инвестицијата на Еуроникел, бидејќи оценила дека условите предвидени од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, биле исполнети .

Значи, без законско предвидено право на жалба, односно без поднесена тужба за управен спор, без правосилна судска одлука донесена во управен спор, ад-хок комисијата за истата правна работа, за истиот предмет дава две дијаметрално спротивни мислења.

При тоа ДКСК, констатираше потенцијално политичко влијание при доделувањето на средствата, бидејќи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, од една страна ја координирал стечајната постапка за Фени, а од друга страна  ја раководел работната група за подготовка на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој инаку е предвидено финансиската поддршка да се доделува само по издадено  позитивно мислење на  ад хок комисијата за евалуација. Претседателка на оваа комисија е посебната советничка на вице премиерот Анѓушев.

Со увид во списите по предметот за доделување финансиска поддршка на Еуроникел, ДКСК утврди неконзистентност во барањето за финансиска поддршка на Еуроникел, бидејќи приоритетна дејност на Еуроникел се управувачки дејности, за кои нема потреба од купување на материјални средства од трговски друштва во потешкотии, а од друга страна, не е исполнет условот, да нема капитална поврзаност помеѓу барателот за финансиска поддршка и субјектот од кој треба да биде извршен откупот на материјални средства.

Но, барањето било поднесено бидејќи согласно приложениот деловен план – писмо со намери, од 1 август 2019 година, инвестицискиот проект требало да опфати откуп на материјални средства од ФЕНИ, како и основање на Еуроникел индустри, а двете трговски друштва, Еуроникел и  Еуроникел индустри, требало целосно да го преземат  ФЕНИ во стечај.

И покрај тоа што во предметот е приложен правосилниот план за реорганизација на ФЕНИ во стечај, сепак Агенцијата за странски инвестиции, изготвила извештај, во кој навела дека Еуроникел ги исполнува условите за доделување финансиска поддршка и истиот го доставила до ад-хок комисијата за евалуација, по што помеѓу

Владата на РСМ и Еуроникел потпишан е договор за доделување на финансиска поддршка, во вредност од 1.000.000 евра.

ФЕНИ во стечај бил преземан од Еуорникел индсутри, капитално поврзан со Еуроникел по два основа и тоа: директна капитална поврзаност, бидејќи Еуроникел е првиот основач на Еуроникел индустри, и индиректна капитална поврзаност, бидејќи 100% основач на Еуроникел е ГСОЛ од Бахамите, кој пак е и втор основач на Еуроникел индустри.

Поради ваквата капитална поврзаност, Еуроникел не ги исполнувал условите за доделување финансиска поддршка“, се вели во исправката на ДКСК во врска со реакцијата на Фероинвест на изјавата на Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ