сабота, 19 октомври 2024

Исмет Гури донесен во Кривичниот суд Скопје, Спасовски вели не е политичка пресметка, кој згрешил ќе одговара

Објавено на

часот

Сподели

Поранешниот заменик директор во дирекцијата на Управата за јавни приходи во Скопје е еден од осомничените во истрагата која се води против 15 лица кои се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, за која соопштија утрово од Обвинителството.

Од Обвинителството велат дека со намера за себе да стекнат противправна имотна корист, осомничените го довеле во заблуда даночниот орган – УЈП и неосновано побарале и добиле враќање на ДДВ од околу 840.000 евра.

Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот од опасност од бегство, дека ќе ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, од Обвинителството на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе му предложат определување на мерката притвор за тројца осомничени, а за другите ќе предложат други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.

А министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево изјави дека не станува збор за никаква политичка пресметка.

„Апсолутно ниту може да стане збор за каква било политичка пресметка заради тоа што единствено нешто од кое што се води МВР и Јавното обвинителство е да се бориме против криминалот и корупцијата. И борбата против криминалот и корупцијата не може во ниту еден момент да се заснова на каква било припадност на било кого – дали е тоа верска, национална, политичка или која било друга заради тоа што криминалот не познава вакви граници, а ние сме тука за да ги обезбедиме пред се средствата на граѓаните“, изјави Спасовски за телевизија Сител. 

Според него, нема поголем престап од тоа да се злоупотребат буџетски средства што се собираат од данокот што го плаќаат граѓаните.

Од овој аспект, како што рече, апсолутно нема потреба, ниту можност да се навлегува во какви било квалификации дали се тоа политички или какви било други.

„Ова е предмет којшто уште еднаш ја покажува цврстата определба на МВР, на раководството за борбата против криминалот и корупцијата од која што нема да отстапиме и од која што нема да биде поштеден никој, без разлика кој е, што е, на каква позиција се наоѓа – дали бил близок со еден или со друг заради тоа што посилен не може никој да биде од Република Северна Македонија“, нагласи Спасовски.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против 15 физички лица и три фирми за неколку кривични дела – „злосторничко здружување“, „даночна измама“ и „перење на пари и други приноси од казниво дело“.

Како што посочи Спасовски, се работи за финансиски криминал во кој се вклучени лица од УЈП, бизнисмени и сметководители чија цел била на нелегален начин да испумпаат пари од државниот буџет. Штетата направена на Буџетот е околу 840 илјади евра. Дел од овие финансиски средства, како што посочи Спасовски, биле искористени за купување на недвижнини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ