Најмалку 84 лица загинаа, а 284 се повредени во нападите, објави државната новинска агенција ИРНА во последните извештаи, истакнувајќи дека тоа е најсмртоносниот напад во Иран од револуцијата во 1979 година.
Медиумското крило на ИСИС, Ал-Фуркан денеска објави соопштение, повеќе од 24 часа по експлозиите, во кое тврди дека двајца бомбаши самоубијци ги активирале своите експлозивни елеци додека шиитските приврзаници на иранските сили на командантот Сулејмани се собирале во близина на неговиот гроб во градот Керман на четвртата годишнина од атентатот.
Припадниците на ИСИС сметаат дека шиитскиот огранок на исламот е еретички, така што нивните светилишта и религиозни објекти во Иран биле мета и претходно.
Групата не понуди никакви дополнителни докази и нивниот извештај за експлозиите се разликува од она што го дадоа иранските медиуми. Бројот на загинатите од ИСИС беше значително поголем од оној што го пријавија иранските власти.
Иран веднаш не го коментираше преземањето на одговорноста од ИСИС, според Си-ен-ен.
Иранскиот министер за внатрешни работи рече дека двете експлозии се случиле брзо едноподруго, и дека втората, посмртоносната, се случила додека другите притрчале да ѝм помогнат на ранетите.
Друг државен медиум, ИРИНН, објави дека првата експлозија била предизвикана од бомба поставена во куфер со автомобил и се чини дека била активирана од далечина наместо од бомбаш самоубиец.