Иранските власти објавија дека егзекутирале наводен израелски шпион на Мосад во затвор во Захедан, во југоисточната провинција Систан и Белучистан, објави денеска државната телевизија.
Името на лицето кое беше погубено не беше соопштено, објави Ројтерс.
Иранските власти повремено објавуваат дека уапсиле луѓе за кои велат дека шпионираат за странски земји, вклучувајќи ги САД и Израел.
Иран и Израел се обвинуваат меѓусебно за шпионирање и водење хибридна војна со години.
Израел го гледа Иран како своја најголема закана и постојано се заканува дека ќе преземе воена акција за да ги спречи иранските власти да добијат нуклеарно оружје.
Иран негира дека развива такво оружје и се заканува дека ќе одговори силно на секоја агресија.
Иран не го признава постоењето на Израел и ги поддржува анти-израелските организации во регионот, вклучувајќи ги либанскиот Хезболах и палестинскиот Хамас.