петок, 18 октомври 2024

Иран осуди поранешен американски маринец на смрт

Објавено на

часот

Сподели

Американецот Амир Мирза Хекмати, кој има и иранско државјанство, е осуден на смрт од суд во Иран поради шпионирање за ЦИА, јавуваат локалните медиуми.
28-годишниот поранешен маринец доби смртна казна поради „соработка со непријателска нација, членство во ЦИА и обид да го вплетка Иран во тероризам“, се вели во пресудата, според полуофицијалната новинска агенција „Фарс“.
Минатиот месец „Фарс“ извести дека обвинителството побарало смртна казна поради тоа што обвинетиот „признал дека бил обучуван од САД и дека планирал да имплицира дека Иран бил вмешан во терористички активности во други држави“ откако ќе се врател во САД.
Според извештаите, Хекмати, роден во САД во иранско имигрантско семејство, во средината на декември на иранската национална телевизија дал изјава на англиски и на јазикот фарси дека е оперативец на ЦИА испратен да навлезе во иранското министерство за разузнавање.
„Фарс“ потоа извести дека Хекмати го повторил своето признание на суд на 27 декември, велејќи: „Бев прелажан од ЦИА. Иако бев назначен да навлезам од ирански системи за разузнавање и да бидам нов извор за ЦИА, немав намера да ја поткопувам државата“.
Иран го обвинува Хекмати и дека бил обучуван во американски бази во Авганистан и Ирак пред да биде испратен во Иран.
Неговото семејство, кое живее во Аризона, ги негира обвинувањата против него. Тие изјавија дека тој отишол во Иран за да ги посети своите баба и дедо.
Неговиот татко, Али Хекмати, тврди дека син му бил во американската армија во 2001 и служел како маринец, но бил воен преведувач од арапски. Тој истакнува дека Хекмати не добил соодветен правен застапник. Во изјавата тој вели дека неговиот единствен адвокат му го доделила државата и тој првпат го видел на првиот ден од судењето.
Според иранските закони, Хекмати има рок од 20 дена да поднесе жалба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ