Си-ен-ен и Волстрит џурнал минатата недела објавија, повикувајќи се на неименувани извори, дека Иран ѝ испорачал балистички ракети со краток дострел на Русија.
„Ниту една ракета не беше испратена во Русија и ова тврдење е еден вид психолошка војна“, изјави бригадирот Фазлолах Нозари, заменик-командантот на централниот штаб Катам ал-Анбија, според Иранската работничка новинска агенција.
„Иран не поддржува ниту една страна во украинско-рускиот конфликт“, изјави Нозари.
Запрашан за натписите, Кремљ објави дека Иран е партнер на Русија и дека двете земји развиваат дијалог во сите области. Украина неодамна предупреди дека продлабочувањето на воената соработка меѓу Техеран и Москва е закана за Украина, Европа и Блискиот Исток и ја повика меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Иран и Русија.
Секое иранско пренесување на балистички ракети во Русија би претставувало остра ескалација на војната во Украина, предупредија во петокот Соединетите држави.
Техеран и Москва имаат поблиски односи откако Русија испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година и Иран ги испорача своите беспилотни летала шахед на руската војска.