Во изјавата на портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, се наведува дека американските напади се „уште еден авантуристички и стратешки неуспех на САД што ќе резултира со зголемување на тензиите и нестабилноста во регионот“, пренесува Ројтерс.
Американската војска започна воздушни напади врз повеќе од 85 цели поврзани со Иранската Револуционерната гарда и фракциите поддржани од официјален Техеран како одмазда за нападот со беспилотно летало во Јордан минатиот викенд, во кој загинаа тројца американски војници.
Вашингтон ги обвини за нападот „радикалните милитантни групи поддржани од Иран кои дејствуваат во Сирија и Ирак“.
Иран го отфрли тврдењето на Вашингтон дека Техеран е поврзан со нападот со беспилотно летало, опишувајќи го како заговор на оние кои сакаат да ги вовлечат САД во нов регионален конфликт. Техеран вели дека регионалните групи на отпорот не примаат наредби од Иран и дејствуваат независно.