петок, 18 октомври 2024

Иран: Бунт против шамијата и насилството врз жените

Објавено на

часот

Сподели

Кога медиумите во Иран се занимаваат со прашањето за „насилството врз жените“, обично се фокусираат на насилството врз жените во западните земји, каде што луѓето наводно живеат без заштита на верата. Тие се повикуваат на статистиките, кои наводно покажуваат многу поголемо насилство отколку во Иран.

Меѓутоа, статистики за насилството врз жените во Иран тешко може да се најдат и тие често се непотполни.

Апаратот на моќта како најголема опасност за жените

„Најголемата опасност за жените во Иран доаѓа од државата“, вели иранската правничка и верска научничка Седиге Васмаги за Дојче веле.

Оваа 62-годишна правничка од Техеран е една од најистакнатите критичарки на Исламска Република. Таа долго беше единствената жена што предаваше на теолошкиот факултет во Техеран.

Васмаги особено ги критикува законите што се темелат на стриктно толкување на шеријатското право. „Овие закони ја легитимираат употребата на насилството врз жените и со тоа му даваат правна основа.“

Пример за тоа оваа правничка гледа во новиот нацрт-закон за задолжително носење шамии, како и во сите други построги мерки во врска со кодексот на облекување на жените, „кои масовно се спроведуваат со голо насилство“.

Васмаги живеела во Германија меѓу 2011 и 2017 година и работела како професорка на Универзитетот во Гетинген. Таа овој април напиша отворено писмо до врховниот водач на Исламска Република, Али Хаменеи, во кое го испитува хиџабот од теолошка перспектива.

Законите за хиџабот не се темелат врз Куранот, тврди Васмаги, а казнувањето на жените што ги кршат тие правила би имало општествени, политички и психолошки последици.

На крајот на септември иранскиот парламент изгласа контроверзна реформа на законот за носење облека, која предвидува до 15 години затвор за жените што повеќе пати ќе бидат фатени без покривка за косата.

Ќе се казнува и објавувањето на интернет на фотографии од жени без шамија, со можни забрани за излез од земјата. Ако такви слики на жени прикажуваат трговски центри, музеи или ресторани – им се заканува затворање.

Дискриминација низ законите

За многуте жени што одбиваат да носат шамии тоа значи живот во страв дека ќе бидат нападнати или дури и претепани на смрт. Од трагичната смрт на Џина Махса Амини во полицискиот притвор во септември минатата година и протестите што следуваа многу жени одбија во јавност да носат шамија.

„Во Иран насилството врз жените претставува континуитет“, објаснува Иранката-социолог Азаде Киан. Таа е директорка на Центарот за родови и феминистички студии на Универзитетот во Париз. Долго се занимава со истражување на женското движење во Иран.

„Државното насилство во јавноста продолжува и со семејно насилство“, вели Киан. „Ако некоја жена во Германија или во Франција стане жртва на насилство дома, таа ѝ се обраќа на полицијата. Во Иран полицијата применува насилство врз жените“.

Жените што се појавуваат во јавноста без шамија во доверливи разговори за Дојче веле кажуваат за стресот на кој се изложени.

„Во автомобилот ми падна шамијата. Ме снимија надзорните камери, а автомобилот ми е запленет“, вели една 50-годишна жена од Техеран. Меѓутоа, најлошата работа беше што моралната полиција за време на разговорот се однесуваше непријателски кон мене и си дозволија да ми викаат.“

Многу жени велат дека моралната полиција често се појавува неочекувано и се обидува да ги заплаши жените со користење насилство и бруталност.

Општеството создава нова реалност

„Ова насилство нема да ги заплаши жените“, вели иранската правничка Седиге Васмаги. „Како членка на ова општество забележувам длабока промена. Вербата во хиџабот и шамијата исчезнува дури и меѓу многу религиозни луѓе, и жени и мажи. Гледам сѐ повеќе религиозни жени што веќе не носат шамии во своите кругови и нивните мажи ги поддржуваат.“

За социологот Киан овој развој оди дури и подалеку. „Кога жени ќе доживеат насилство на улица, понекогаш непознати мажи застануваат пред нив и ги заштитуваат“, вели таа.

Таа смета дека е извонредно тоа што ова не се случува само во традиционално либералната престолнина Техеран, туку во целата земја. Сега има и сопственици на ресторани и продавници што попрво би ги затвориле своите локали отколку да ја спроведат забраната за послужување непокриени жени.

Иранската теократија се држи до својата назадна слика на жените, додека иранското општество сѐ повеќе создава нова реалност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ