вторник, 22 октомври 2024

Инвеститорот на стрелиштето кај Леуново вели дека ги поседува сите дозволи

Поседувам целосна планска документација за проектот со намена спорт и рекреација – стрелиште. Неточна е информацијата дека Месната заедница на село Леуново немала никаква информација за оваа градба. Во постапката која ја водев за локално урбанистичка планска документација за формирање на градежна парцела пред Општина Маврово и Ростуше имаше покана за одржување на јавна анкета со која покана сите граѓани беа информирани и поканети преку две јавни гласила да присуствуваат и да дадат забелешки доколку ги имаат. Но, на одржаната јавна анкета немаше никакви забелешки од ниту едно физичко или правно лице, вели во изјавата за МКД.мк Павле Димовски од Леуново, инвеститор на овој проект.

 

Објавено на

часот

Сподели

За стрелиштето на границата на Националниот парк Маврово МКД.мк објави два текста во кои одговорни лица на општината и на Националниот парк велат дека не издале дозвола за градба и не дале согласност.

Димовски вели дека во целата документација не е предвидена хала за стрелиште и дека се работи за дозвола за спортски објект со цел да се збогати туристичката понуда во Маврово.

„Јас потекнувам од Леуново и жител сум на селото, а можам слободно да кажам дека уживам целосна поддршка од сите жители како и од членовите на месната заедница на Леуново. Морам да истакнам дека и претседателот на месната заедница Владо Лазаревски беше запознаен со мојот проект и предмет додека се водеше пред надлежната општина и не само што немаше никакви приговори и забелешки, туку истиот ми даде безрезервна поддршка. Важно е да се напомене дека локацијата се наоѓа во атарот на село Орќуше, па оттука не гледам никаква основа месната заедница на Леуново или жителите на ова село да имаат каков било интерес или противење. Тие не се засегнати со мојот предмет, дотолку повеќе што се наоѓа на оддалеченост на околу 6 километри од Леуново. И за овој проект јас сум единствениот инвеститор, не се точни информациите дека сум партнер со лице од село Врбен“, вели Димоски.

Во однос на забелешката од Националниот парк дека стрелиштето е во близина на хранилиштето на дивечот и пукањето може да ги вознемири елените и срните и промена на нивната вообичаена патека на движење, Димовски ја покажува согласноста од Министерството за заштита на животна средина.

„Ваквите изнесени информации во јавноста се нецелосни и истите не се точни и ја доведуваат јавноста да добие погрешен заклучок и претстава. Предметното земјиште воопшто не се наоѓа во границите на НП Маврово ниту пак се граничи со истиот, па следствено на тоа Националниот парк нема никаква надлежност, ингеренции ниту пак правна основа да се произнесе со мислење, а уште помалку со негативно мислење. Министерството за животна средина и просторно планирање кое во два наврати писмено се произнесе до ЈУ НП Маврово и до Општина Маврово и Ростуша дека предметната локација е надвор од границите на заштитени подрачја и воедно беше истакнато дека сѐ уште не е донесен законот за прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категоријата Национален парк., така што бафер зоната која НУ Национален Парк ја наведува во конкретниот предмет воопшто не е воспоставена согласно закон. Надлежното Министерството им укажа на НУ Национален Парк Маврово дека истите пред да се произнесат со мислење за конкретниот предмет до Општината Маврово и Ростуше, биле должни најпрвин да побараат консултација и мислење од нив. Од моја страна до општината беше доставен и елаборат за оценка  на влијанието на животната средина со кој се потврди околноста дека со донесување на локално урбанистичката документација нема да има никакво штетно влијание врз животната средина и биоодиверзитетот. Овој елаборат беше ставен на јавна анкета на која немаше никакви забелешки, а на која ниту присуствуваа претставници од Националниот парк Маврово, ниту пак беа доставени  забелешки од нивна страна“, вели Димовски.

Постапката за донесување на Локална урбанистичка планска документација пред Општина Маврово и Ростуше траеше цели четири години и заврши со донесување решение за одобрување на ЛУПД од градоначалникот на општината.

Ова значи, вели Димовски, дека се запазени сите позитивни законски прописи и исполнети се сите услови за нејзино одобрување.

Од Општина Маврово Ростуше велат дека тие не издале никакво решение за градба на таа локација. Но, Димовски изјавува дека нема никаква градба  и истиот поседува решение за одобрување на локална урбанистичка планска документација за предметното земјиште уште во 2023 година, токму од општината.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ