сабота, 19 октомври 2024
Истраживање

Институционалната транспарентност против дезинформациите

Објавено на

часот

Сподели

Во анализата се заклучува дека во ширењето на дезинформациите, покрај улогата на технолошките алатки и социјалните мрежи, сериозен е придонесот и на затворената и неотчетна власт со што само се поткопува довербата во државните институции. А тоа подразбира зголемување на манипулативниот простор и пропагандните претензии на одредени групации.

„Произведувачите“ на дезинформациите се многубројни – разузнавачки групи, политички партии, моќни структури, компании, па дури и функционери, партиски ботови, државни институции… Целта им е заедничка – остварување политички и економски цели.

Институции

Кај нас транспарентноста на институциите се сведува само на формално правна и техничка статистика за број на објавени соопштенија, видео материјали, фотографии, конференции за медиуми, изјави на политичари, достапност на портпаролите, ажурирање на интернет страниците… Сето ова на крајот на годината се сведува на некаков индекс на транспарентноста.

Ова истражување покажа дека овие статистики на крајот главно се сведуваат на фаворизирање на личниот имиџ на носителот на функцијата декларирајќи го тоа како транспарентност.

Меѓутоа, од разговорите со директните учесници и креатори на овие настани, новинарите и вработените во разноразните сектори за односи со јавноста, се дојде до заклучокот дека се работи всушност само за формализирање на транспарентноста.

Кога луѓето немаат пристап до сите факти, тие стануваат подложни да веруваат во шпекулации и погрешни информации. Борбата со дезинформации е комплексен процес со кој не можат сами да се справат медиумите, но ни институциите, граѓанските организации, а најмалку самите граѓани. Од исклучителна важност е поттикнувањето на системски политики кои промовираат општа, но и медиумска писменост и критичко размислување. Покрај тоа, клучно е јасно да се дефинираат дезинформациите за да се избегне сомнежот во носењето на политиките и мерките за спречување на ширењето дезинформации, но и опасноста тие да се злоупотребат за замолкнување на критичката јавност и ограничување на слободата на говорот и новинарската уредувачка слобода, пишува во анализата.

фн

Квалитетно новинарство

Обидот да се проникне во соодносот помеѓу отворената и отчетна власт наспроти лажните информации, кои ја поткопуваат довербата во државните институции, заврши со единствениот можен заклучок, а тоа е отворена власт против лажните информации.

Во дигиталната ера дезинформациите може брзо да се шират и да предизвикаат значителна штета, да ја поткопаат довербата во институциите и да доведат до ширење лажни информации со потенцијално сериозни последици.

Предизвиците на тој пат се многубројни, како на нормативно-правен, така и на организациски и технолошко-технички план.

Сеопфатниот пристап на ЕУ во справувањето со дезинформациите, како и генералните норми и акти на ЕУ за институционална транспарентност и борба против корупцијата претставуваат добра база за решавање на овие предизвици и кај нас.

Во документите и политиките на ЕУ дезинформациите се дефинираат како ширење лажна или неточна содржина со намера да се добие економска или политичка добивка, а истовремено може да предизвика штета во јавниот живот, да предизвика закана за демократијата, безбедноста и здравјето на граѓаните. Дезинформациите се третираат како голем предизвик, за кој е потребен координиран одговор од институциите, онлајн-платформите, медиумите и граѓаните.

Нивните препораки главно се сведуваат на зајакнување на отпорноста на демократските општества против дезинформациите, поддршка на слободните и независни медиуми и на квалитетното новинарство, промовирање транспарентност и одговорност во онлајн-платформите и рекламирањето, зајакнување на соработката и координацијата меѓу земјите-членки на ЕУ и меѓународните партнери, зајакнување на граѓаните преку подобрување на медиумската писменост и вештините за критичко размислување.

Една од најважните специфики на политиките на ЕУ е фактот што медиумите се третираат како субјект-партнер за спречување на ширењето дезинформации. Од тие причини европскиот пристап во спречувањето на дезинформациите е проследен со мерки и политики за јакнење на демократијата, кои подразбираат заштита на новинарската професија.

Отворена информативна средина

Транспарентноста секаде смета за еден од важните предуслови и во борбата против корупцијата.

Се разбира дека транспарентноста е само дел од алатите за елиминирање на лажните вести затоа што во ширењето дезинформации голема улога имаат и низа други испреплетени општествени актери и процеси, кои често не се ограничени во рамките на државните граници.

Кога луѓето немаат пристап до фактите, тие стануваат подложни на верување во погрешни информации. Кога институциите не се транспарентни, на луѓето може да им биде тешко да знаат кому да му веруваат, со што се зголемува веројатноста да веруваат во дезинформациите што се во согласност со нивните верувања или предрасуди. Затоа, како што е случајот со европскиот пристап, транспарентноста треба да игра клучна улога и во македонскиот пристап кон справувањето со дезинформациите и да се смета за клучна алатка за решавање на проблемот со дезинформациите, бидејќи им овозможува на корисниците да ги идентификуваат изворите на информации и да донесат информирани одлуки за веродостојноста на информациите со кои се сретнуваат онлајн.

Транспарентноста треба да се смета за алатка за справување со дезинформациите, бидејќи помага да се создаде поотворена, поодговорна и доверлива информативна средина и ги поддржува напорите на креаторите на политики, компаниите и граѓанските организации за справување со предизвиците поставени од дезинформациите. Борбата со дезинформации е комплексен процес со кој не можат сами да се изборат ни медиумите, ни институциите, ни граѓанските организации, а најмалку самите граѓани.

Тоа е долготраен процес во кој еден од клучните фактори е општата, но и медиумската писменост. За тоа ни е потребен стратегиски план со добри мерки што доследно ќе се имплементираат. Се разбира, со јасно дефинирање на дезинформациите, за да се избегне „стапицата“ од нивно слободно, волонтаристичко толкување и доведување во прашање на креирањето ефикасни и координирани политики и мерки за спречување на ширењето дезинформации.

При обидот да се регулираат дезинформациите потребно е да постои свесност за ризиците, меѓу кои најголемиот се однесува на цензурата и ограничувањето на слободата на говорот. Имајќи ги предвид потенцијалните ризици, најдобриот пристап за справување со дезинформациите би требало да цели кон намалување на условите за создавање и ширење дезинформации, наместо кон нивно цензурирање.

Најдобриот начин за постигнување на ова е проактивниот наместо реактивниот пристап, кој вклучува и зголемување на медиумската писменост и институционалната транспарентност, отворена соработка помеѓу различни засегнати страни, вклучувајќи влади, технолошки компании, медиуми и граѓански организации, во лоцирање и следење на проблемот, поттикнување саморегулација, особено кај медиумите и онлајн-медиумите, инвестирање во истражувања и намалување на структурните економски придобивки од ширењето дезинформации.

фн

Препораки

Во анализата на ИКС дадени се и одредени препораки во кои се истакнува дека треба да се внимава опсегот на мерките за справување со дезинформациите да не влијае на слободата на изразувањето и да не се креира клима за автоцензура, ниту да се создава или зголемува ризикот од повреда на правото на слобода на говорот, слобода на медиумите и уредничка слобода.

Неопходно е подготвување национална стратегија за борба против дезинформациите со конкретни мерки и акциски план за имплементација и јасно дефинирање на дезинформациите, погрешните информации (мисинформации) и злонамерните информации, нивното значење, појавните форми и предизвици.

Постоечките институционални капацитети за справување со дезинформациите треба да се надоградуваат и да се развиваат нови.

Обуките со сите лица за односи со јавноста во министерствата и Генералниот секретаријат на Владата се неопходни. Неопходно е и медиумските и новинарските организации да организираат посебни обуки со новинарите за справување со дезинформациите.

Со спроведувањето на Законот за пристап до информации од јавен карактер има проблеми, особено со членот 10, каде што таксативно е наведено кои документи, одлуки, решенија, извештаи, треба да ги објавуваат државните институции.

Треба да се изработи долгорочен стратегиски план за транспарентност, во кој ќе бидат опфатени сите институции на државата, како на централно, така и на локално ниво, па дури и невладиниот и приватниот (бизнис) сектор.

Се препорачува и формирање посебно, независно тело со експерти и стручни лица, независно од Владата, за следење на активностите и мерките за транспарентност.

Регионалниот центар за односи со јавноста при Министерството за одбрана со обуки за дезинформации и хибридни закани мора да ги динамизира активностите.

Кадровска екипираност на министерствата мора да се подобри со доволен, соодветен број лица задолжени за односи со јавноста.

Усогласувањето на националното законодавство поврзано со медиумите со европската регулатива (Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, Актот за дигитални услуги, предлог-актот за слобода на медиумите во Европа и сл.) и со другите европски стандарди, саморегулаторни и корегулаторни акти, како и со препораките од Советот на Европа е неопходно.

За Национална стратегија за медиумска писменост веќе подолго време се зборува (предвидена уште со предлог-планот за одлучна акција за справување со дезинформациите 2019 година). Потребна е државна поддршка за спроведување длабински научни истражувања за транспарентноста и дезинформациите како и воведување напредна обука за сајбер-безбедност за сите нивоа на власта во сферата на дигиталната безбедност.

 

Оваа анализа е изработена во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“, кој се реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ