вторник, 26 ноември 2024

Информатичарите бараат укинување на „недела-неработен ден“

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) бара да се укине законот за „недела неработен ден“ и да им се овозможи на ИТ-инженерите работа од дома, како и скратено работно време.

Објавено на

часот

Сподели

Ова, како што му беше предочено денеска на премиерот Христијан Мицкоски, се поволности кои се применуваат во светот со години.

Како што изјави претседателката на МАСИТ, Анета Антова Пешева по средбата со Мицкоски, ИТ-индустријата се надева дека дигиталната трансформација во земјава брзо ќе се случи.

“Бараме големи измени во Законот за работни односи. Се надевам дека соработката што ја имаме, ќе продолжи. Го поздравуваме Советот за дигитална трансформација на државата. Се надеваме дека дигиталната трансформација брзо ќе се случи, а тоа значи ставање на сите хартии и документи во дигитална форма. Потоа ќе поминеме на фазата интероперабилност меѓу институциите за да можат граѓаните да почувствуваат дека навистина нешто е направено и дека побрзо ќе течат процесите“, истакна  Антова Пешева.

Таа информира дека МАСИТ предложила воспоставување јавни-приватни партнерства со домашни и безбедносно сертифицирани фирми кои ќе им помогнат на органите и министерствата со стручен кадар.

Мицкоски ја пофали досегашната соработка со МАСИТ. Рече дека сите средби биле конструктивни средби и од нив произлегле многу идеи и предлози кои потоа резултираат со политики.

„Импресивен е фактот дека како ИКТ-индустрија имаме повеќе од половина милијарда евра извоз во 2023 година и тој претпоставувам продолжува да расте. Тоа е нешто што додава вредност во нашата економија. Голем дел од овие луѓе што работат во ИКТ-индустријата, тоа се повеќе од 20 000, мислам дека во 2023 година повеќе од 21 000 се вработените во ИКТ, се луѓе кои останале тука, дома и од тука се борат не само за своето семејство и својата егзистенција, туку и за својата татковина. Лично од мене, тие имаат огромна почит, имајќи превид дека се дефицитарни и дека имаат поголема понуда. Секогаш луѓето кои остануваа ттука и кои се борат за својата татковина од мене ќе ја имаат почитта и секогаш ќе имаат приоритет во политиките на оваа Влада. А политиките на оваа Влада се да ги привлечеме младите кои, за жал, ја напуштија земјата, да се вратат дома и тоа Македонија го заслужува“, потенцира Мицкоски.

Во однос на дигитализацијата, потсети дека има посебно Министерство за дигитална трансформација.

„ Министерството работи посветено. За овие неколку месеци се направија навистина големи чекори напред. Очекувам така да се продолжи и во иднина. Денеска разгледавме неколку параметри и очекувам информатичката култура во државата да се зголемува, да биде што подостапна и да има што е можно повеќе корисници. Барем да го стигнеме европскиот просек, сега сме под тој европски просек. Јас лично, како инженер, го стимулирам тоа и ќе го поддржувам, тука не треба да имаме никаква дилема“, нагласи Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ