Протестите во Ирак, Либан и Иран, кои следеа по традиционалните петочни молитви, беа контролирани и мирни, за разлика од вчерашните сцени во Багдад, кога демонстрантите неколку часа ја окупираа зградата на шведската амбасада и предизвикаа мал пожар, пренесе АП.
На многу висока температура, илјадници луѓе се собраа денеска во градот Садр во Багдад, упориштето на влијателниот ирачки шиитски свештеник и политички лидер Муктада ал Садр, чии следбеници учествуваа во нападот на шведската амбасада. Тие го вееја Куранот, го запалија шведското знаме и знамето на ЛГБТ со виножитото и скандираа: „Да, за Куранот, не за Израел“.
Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал Судани ги повика демонстрантите и безбедносните сили да се погрижат демонстрациите да останат мирни.
Во јужното предградие на Бејрут, илјадници луѓе се собраа на протестот свикан од милицијата поддржана од Иран и политичката партија Хезболах, исто така мавтајќи со копии од светата книга на исламот и извикувајќи: „Ние го штитиме Куранот со нашата крв“. Некои од нив запалиле шведски знамиња.
Илјадници луѓе марширале во Техеран и во други градови низ Иран, а демонстрациите биле емитувани на државната телевизија.
Демонстрантите се собрале во центарот на градот извикувајќи: „Смрт за американизирана Шведска! Смрт за Израел! Смрт за непријателите на врховниот водач!“.
Демонстрациите следеа откако вчера шведската полиција дозволи да да се одржи протест на кој ирачки христијанин кој живее во Стокхолм, сега самопрогласен атеист, се закани дека ќе запали копија од Куранот.
Тој ја шутирал и ја згазил исламската света книга пред ирачката амбасада, но не ја запалил како што се закануваше. Тој го направил истото со ирачкото знаме и фотографиите на Садр и врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.