„Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина“, велат од ТИ-М.
Барометарот за месец септември 2023 година покажува пет матни наспроти три бистри случувања поврзани со борбата против корупцијата.
Ја гази ли профитот Хипократовата заклетва, прашуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија обележувајќи го случајот со Клиниката за онкологија како матен настан за претходниот месец.
Вториот матен настан според ТИ-М се измените на Кривичниот законик, квалификувани како тивка амнестија.
„Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка (со европско знаменце) предзвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела“, велат од ТИ-М.
Секој искажан збор има своја последица, секое молчење исто така го цитираат од ТИ-М францускиот филозоф, Жан Пол Сартр притоа рангирајќи го како трет најматен настан за септември 2023 година реакциите на јавноста за измените на Кривичниот законик но откако тие веќе беа изгласани.
3. Врховен суд: Донесувањето на законски измени без транспарентен процес е спротивно на европските стандарди – Врховниот суд смета дека донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди. Пендаровски да го искористи правото на вето, побара Платформата на граѓански организации за борба против корупција – Од страна на Платформата беше побарано од Претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои на 6 септември 2023 ги усвои Собранието. Ристоска: Измените на Кривичниот законик влијаат на културата на неказнивост – „Последните измени на Кривичниот законик лично ги доживувам како навреда на сите професионалци кои се вложија, пред се, во борбата против корупцијата“. Според Ристоска, овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела, а голем дел од предметите во кои се вложени многу ресурси и енергија веќе застаруваат.
Како четврт најматен настан според ТИ-М е финансирањето на владеачката партија ДУИ која не ги вратила навреме вишокот пари од донации.
„Антикорупционерите пресекоа, ДУИ го прекршила законот, вишокот донации примен во 2022 година, наместо веднаш, го вратила во јули 2023 година Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии оти во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари го вратила во 2023 година наместо веднаш или во рок од 15 дена по приемот. Државната комисија потврди дека прекршок има и дека за него ќе бараат да постапи Државниот завод за ревизија како надлежно тело“, пишува во Барометарот на ТИ-М.
Последен но не помалку матен настан според ТИ-М за месе септември е случајот откриен во затворот во Идризово каде командири подмитиле затвореник со 4.000 евра, зашто им ветил дека ќе ги премести да работат во МВР.
„На дното на достоинството и интегритетот. Управата за извршување на санкции извршила вонреден наздор во казнено-поправниот дом „Идризово“, по поплаки од две осудени лица, кои се пожалиле од двајца командири дека им се заканувале, а кои командири пак, пријавиле дека му дале мито на едниот затвореник, а тој ветувањето не го реализирал“, забележуваат од ТИ-М.
Како бистри настани за месец септември 2023 година според ТИ-М се пресудата против професорите на Економскиот факултет Шуклев и Ристевски, кои според првостепениот суд барале пари и сексуални услуги за оценки, и уште два откриени случаи поврзани со давање и примање поткуп.
Во првиот случај станува збор за грчки државјанин кој на 10 септември годинава на наплатната рампа Демир Капија бил уапсен од полициски службеници од полициската станица зa граничен надзор Михајлово поради сторено кривично дело нудење поткуп.
Истиот ден пак, охриѓанец се обидел да поткупи полицајци па бил приведен. Тој на магистралниот пат Кичево-Гостивар, по сторен сообраќаен прекршок, во личните исправи што им ги дал на полициските службеници, ставил пари како поткуп, а кои веднаш му биле вратени.