Развојот на настаните околу војната во Украина покажува дека Вашингтон ја префрла одговорноста за воената поддршка на Украина на европските земји. Од изјавите на некои европски лидери може да се заклучи дека Европејците се подготвени да бидат вовлечени во воениот конфликт на територијата на Украина. За тоа сведочат и последните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон. Тој изјави дека Европа мора да се подготви за војна доколку сака мир, нарекувајќи го рускиот претседател Владимир Путин противник што нема да застане во Украина доколку Русија излезе како победник во својата двегодишна војна со Киев. Макрон не ја исклучи можноста за испраќање војници во Украина во иднина, што поттикна многу лидери да се дистанцираат, додека други, особено во источна Европа, ја изразија својата поддршка.
Македонија се позиционира како доверлива членка на НАТО и целосно ги поддржува сите нејзини иницијативи. Засега, Македонија изрази подготвеност да прими украински војници на лекување.
Од македонското Министерство за одбрана на прашањата на МКД.мк одговорија дека воопшто не се разгледуваат сценарија за испраќање македонски војници во Украина бидејќи ставот на НАТО е сосема јасен – НАТО нема намера да испраќа свои војници во Украина.
„НАТО не е инволвирано ниту има план да се инволвира во војната во Украина. Министерството за одбрана не може да коментира шпекулации и хипотетички ситуации што внесуваат несигурност меѓу граѓаните. Факт е дека ниту еден припадник на Армијата не е во Украина, ниту може да биде затоа што нашата цел како земја-членка на НАТО е заштита на сопствената држава и на колективната безбедност на Алијансата“, се вели во одговорот на Министерството.
Сепак, последните изјави на некои државници на земјите-членки на ЕУ кажуваат дека е можна и поинаква разврска на прашањето дали НАТО-војници ќе влезат во Украина. Ова ќе значи директно вклучување и на Македонија во конфликтот меѓу Русија и Украина, ангажирање дополнителни воени ресурси, купување ново оружје од Западот, непланирани трошоци од буџетот, финансиски тешкотии, мобилизација… и човечки жртви.
Ваквото сценарио, веруваме, никој не го посакува. Македонија треба да остане неутрална и да се грижи за сопствената благосостојба, преовладува мислењето меѓу македонските граѓани.
Две години од руската агресија на Украина не ѝ се гледа крајот. Напротив. Сѐ укажува на опасна воена ескалација. Професорката Билјана Ванковска, раководителка на Центарот за глобални промени при Филозофскиот факултет во Скопје, позната во македонската јавност по своите анти-НАТО ставови, потсетува дека во почетокот на војната се зборуваше, па дури и официјално се праќаше повик, за „доброволци“ од западните земји, а потоа се премина кон испраќање директна воена помош и инструктори, но сѐ почесто се зборува за припадници на западните војски што ги загубиле животите покрај украинските.
„Последното ‘истрчување’ на францускиот претседател Макрон со повик за активно воено ангажирање на западните сојузници на територијата на Украина не е само еден негов ексцес (иако дел од НАТО-сојузниците се дистанцираа од таквата реторика). Политичкото и военото водство на Франција реално размислува за вакви воени планови и тоа е веќе јавно позната работа, која може да се види преку изјавите на началникот на генералштабот на француската војска и некои други високи воени претставници, кои тврдат дека се подготвени, а потсетуваат и дека се нуклеарна сила. Слични пораки доаѓаат и од САД и од Полска, чии министри за одбрана веќе договорија испраќање заеднички сили за брзо распоредување на источната граница на ЕУ. Оттука, загриженоста за светскиот мир е многу основана, бидејќи ништо не зборува за деескалација и трагање по барем примирје, ако не и мир“, вели Ванковска.
Таа потсетува на тоа дека Македонија тајно обучувала украински војници и дека, според зборовите на министерката за одбрана Славјанка Петровска, ние сме меѓу првите пет држави-членки на НАТО што ѝ дале најголема помош на украинската војска (се разбира, станува збор за релативен сооднос согласно со можностите и големината на земјата).
„Важно е да се кажат две работи: прво, Украина не е членка на НАТО и на неа не се применува членот 5 (за колективна самоодбрана), а второ – дури и да станува збор за таква ситуација, секоја држава сама одлучува дали и како ќе пристапи во колективниот зафат. Но искуството (уште од Авганистан и Ирак од пред 20 години) покажува дека кај македонските власти постои неверојатна желба да се истрчуваат (народски кажано) како ‘прле пред магаре’, па секогаш сме биле меѓу првите и најлојалните кога ни се барало нешто. Дури тоа Брисел и да не го побара експлицитно, убедена сум дека македонските власти сами ќе понудат војници. Ова засега нема да го соопштат јавно, се разбира, бидејќи и тренирањето на украински војници се чуваше како воена тајна. Што се однесува на последиците, со самиот чин на поддржување на сите акции на Брисел кон Украина и воведување санкции кон Русија, ние сакале или не сме на истиот брод со Алијансата. Ако дојде до ескалација, ќе ја делиме судбината не само на Западот, туку и на светот – бидејќи нуклеарниот судир нема да поштеди никого. Велам нуклeарен, иако мнозина не сакаат ни да го спомнат тој збор, бидејќи отвореното стапнување на НАТО-чизма на територијата на Украина веќе значи дека сме во војна со нуклеарна сила како Русија. Последиците за нас се веќе видливи на економски, стопански и социјален план, но воената опција би била погубна“, рече Ванковска.
А.Д.