вторник, 22 октомври 2024
Мирко Стојановски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

И по ЕУ, ЕУ!

Сонцето светеше како ниско поставен лустер на хоризонтот и му предизвикуваше болка во очите на Нукилик и покрај заштитните темни очила кои покриваа голем дел од неговото лице.

Температурата веќе падна под -57 Целзиусови степени и Нукилик сакаше да ја натовари големата риба на санката пред навистинa да залади. По неколкучасовната макотрпна работа, при што успеа да ја извлечи рибата од вода и да ја префрли преку ивицата на мразот, тој сега сакаше да ја заврши работата и да тргне на патот кон селото каде неговото племе Сасивен, од групата на Инуити, стотици години живееа во овие ледени области.

Не, не се плашеше Нукилик од ниските температури, ниту пак од замор, најмногу што во овие негови риболовни потфати го загрижуваше беше да не биде приметен од неговите роднини од другата страна на границата, кои можеа да му ја одземат рибата тврдејќи дека ја уловил на нивна територија. Овие спорови траат со децении, слично како што траат споровите за меѓите за нивите на Балканот.

Државната граница помеѓу Канада и Русија, сега беше уште потешко да се утврди откако почна топењето на мразот на Арктикот. Но големите држави за тоа не се грижеа премногу, никој, буквално никој не живееше во областите кои беа над 500 милји северно од Тимбукту (Тимбукту не е само име на место во Канада, туку се користи и како описна именка во северноамериканското-англиско говорно подрачје, кое според Серверот, е сѐ уште непризнато од Британците предводени од Крал Џорџ, која на признатиот во ОН македонски-јазик што припаѓа на јужнословенската група јазици, може да се преведе во слободна форма како – пичкуси мајчину, или место што е подалеку од најдалечната небиднина, или што би рекле Маите, Мачу Пичу!).

Но овај пат Нукилик немаше грижи. Добро знаеше дека ако има проблеми, границата на Канада ќе ја брани и Република Северна Македонија, најновата членка на НАТО! Впрочем, истото го тврдеа и корисните идиоти од РСМ при нивните дијалози сами со себе на селските телевизии. Границата на Македонија е во Канада! Таму ќе ја браниме Македонија, во Тимбукту!

Инаку, Република Северна Македонија не беше земја на која ѝ недостасувале ебиветровци. Напротив, заборавена во просторот помеѓу запците на историјата, земјата претставуваше природен извор на глупави и лигави сподоби кои се натпреваруваа кој повеќе може да се откаже од она малку што им го даваше земјичката, „Мајка Македонија“, како самите ја нарекуваа кога ќе се поднапиеја по смрдливите кафеани. Населението на РСМ, чиј мултиетнички македонски народ, составен пред сѐ од Албанци и останати како Турци, Роми, Срби, Бошњаци, ЕтноМакедонци, Египќани, Помаци, Цинцари, Шиптари, Грци, Власи, Комуњари, Бугари, Антички Македонци, Шверцери, Комити, Мајмуни, Бугаромацедонишенс, Брачамакедонци, Хрвати, Србомани, Благонадежни, Битолчани, Штипјани, Струмичани, Јужносрбијанци, Дебармалци, Мичуринци, Груевци, Заевци, Бранковци, Михајловци, но најмногу Удбаши и Шпиуни или уште како формално се нарекуваа ВемерОвци и СтсмеОвци се имаа изнаслушано секакви работи во нејзината историја која сѐ уште не беше утврдена и заверена со печат од соседните држави и допрва требаше да се пишува.

Овде не се мисли на иднината која треба еден ден да стане историја, туку во РСМ сѐ уште не беа утврдени настаните кои се случиле во минатото и кои допрва требаше да се случат. Да, да, токму така, во Северна Република Македонија настаните во минатото допрва требаше да се случат! И токму затоа најучените луѓе на земјата, кои патем никој не ги знаеше или пак имаше слушнато за нив, сега се договараа со соседните држави за тоа како да изгледа историјата на Северна Република Македонија.

Во историјата на човештвото ова преставуваше куриозитет, единствена прилика конечно да се постигне една држава во светот да не се родила со тешки породилни маки, ниту пак имало некакви проблеми помеѓу луѓето, соседите, во минатото. Односно, земјата, каде народот веќе е непостоечки, се створила од преголемата љубов што кон неа ја имале соседите. Не дека немало обиди ова да се постигне претходно,

Советскиот Сојуз потроши огромни и ненадоместливи човечки и економски ресурси да ги претопи народите, Америка исто така, но овие обиди беа неуспешни. Горби ги разбуди од сон комунистите во СССР со тоа што им објасни дека нуждата ја обавуваат во дрвени полски клозети додека на африканскиот континент се користат англиски тоалети, а Трамп му покажа и докажа на светот дека Америка е изградена врз предрасуди и омраза и дека во Америка се отфрла сѐ што е различно од тоа што мислат дека претставува нивен идентитет. Но овој експеримент, со исчезнување на народот и бришење на историјата и пишување нова, поубава историја, имаше големи шанси да успее во РСМ поради ветувањето што им беше дадено на нејзините граѓани, доколку тоа го направат, односно се откажат од самите себе и од настаните во минатото во кои учествувале нивните дедовци и прадедовци, еден ден, кој не е близу, но сепак, еден ден, некогаш, во иднина, после 20 до 25 години, што беа ништо во историјата на подрачје каде се лапаа векови без нешто да се сработи како да се алва од кај Биџо, е тогаш, некогаш во иднина, ќе добијат Датум, односно тој ден што мора да дојде во иднина, ќе биде денот кога ќе се утврди Датум, односно, ќе се утврди друг ден, на кој ден, кога ќе дојде, а ќе мора да дојде со оглед дека времето минува без ништо да прават, за што и те како беше свесно домородното население и затоа ништо и не правеше, ќе започнат преговорите за членство на земјата во Европската Унија, кои ќе траеа неколку децении, но која предупреди, пред тоа да се случи, и самата треба да разреши некои прашања за тоа како тие преговори да се одвиваат!?

Е, поради тоа цврсто ветување, експериментот имаше голема можност да успее. А до тогаш, граѓаните можеа слободно да патуваат низ ЕУ, а не како порано, на што ги потсетуваа корисните идиоти, за да добијат визи за ЕУ мораше да се фатат за уши и играат ора пред европските амбасади во Скопје, главниот град на РСМ кој го сочинуваа не Македонци, туку дојденци, како самите се нарекуваа и опејуваа во песните (..дојденци собрани од секаде град направивме..).

Но тие, граѓаните на општеството кое беше за сите, не се срамеа да играат ора фатени за уши пред амбасадорите или пак заедно со нив да собираат книжиња и пластични шишиња од патеките покрај Вардар или пак да ги величаат достигнувањата на слободната консумација на опојни дроги, алтернативните сексуални определби, борбата против корупција, загадувањето, реформите или пак заштитата на културно историското наследство итн, итн, стихотворби кои сите ги знаеа на памет, од лепачите на плакати до премиерот и претседникот кој сѐ уште не беше заминал.

И сите, буквално сите, од сите политички партии до последниот поединец, откако ЕУ јасно им кажа дека за вошкосани како нив нема место во Унијата, но дека можат да бидат добри соседи ако продолжат со реформите, сите до еден се колнеа дека нема друга алтернатива, и дека нема друг пат освен ЕУ-овиот пат! Најчудно од сѐ беше дека откако им ја тресна Европа вратата пред нос, во ЕУ почнаа да се колнат и оние партии и поединци кои претходно беа на став дека земјата нема што да бара во ЕУ!?

И ова исто така не беше нешто ново или невидено во земјата на небитнината. Кога умре големиот диктатор Тито, сите со плач пееја и се колнеа дека од Титовиот пат немало да скршнат! И тоа така траеше неколку години и стварно не скршнаа од Титовиот пат, но земјата во која живееа се скрши! Така, немаше никого да изненади ни сега доколку нешто слично на тоа се случеше дотолку повеќе бидејќи потајно, што појавно во земјичето си влегуваше кинески капитал (фала му на Бога, друг капитал и немаше) и затоа граѓаните во едно се колнеа, но друго, најчесто спротивно, правеа. Што да се прави, мора да се живее некако, ја правдаа граѓаните вековната хипокризија.

Тоа впрочем беше норма за сите големи историски народи на Балканот, да се колнат во едно, но друго да прават. И тоа и беше суштината на големата тајна на нивниот успех да најдат начин да преживеат во племенски творби кога во светот дрмаа добро организирани институции и системи. Откако сами си ја запалија куќата во која живееја, ги кренаа на ченгел колипките во кои останаа да живуркаат, слично како во Домот за бесење на Костурица, и од така кренати колипки кои се клатеа на ветрот, можеа да го видат Европскиот хоризонт кој им изгледаше достижен со лесно испружување на раката кон него. И таа илузија траеше 30 години, во меѓувреме, мораше некако да се живее…

И сето тоа им го објасни претседникот, Твртко први незаминатиот, кој им објасни дека стандардот на живот по тоа колипките не е ни половина што го имаа во заедничката куќа што ја запалија! И таман човек да помисли дека конечно разумен претседник добила небитнината кога мезаминатиот се надополни без некој да го бара тоа од него, но тоа не значело дека таа куќата, (или Југославија како ја нарекуваа) требало да се обнови со некаков мал или голем Шенген!? И тоа е тој општиот закон за релативноста на Ајнштајн, на Балканот сѐ што чини не треба да постои, но ако постоело во минатото не треба да се обнови!

Што ли толку им згрешила Југица што сите сега ветуваа дека нема да ја возобноват, си мислеше Нукилик, влечејќи ја рибата по снегот. Но, знаејќи дека РСМ сега ќе ги брани Инуитите, не се грижеше многу за тоа, сѐ ќе биде добро, си мислеше тој, само претседникот да не замини…

Др. Мирко Стојановски

КОЛУМНИ

Филип Клетников

Војна против поединецот! Или: Што не научивме од Макс Штирнер

Миле Ѓорѓијоски

Драг мој земјаче Фатмир Дехари!

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ