сабота, 19 октомври 2024

И по дождот редици за пасош во земјата што е во НАТО и е на пат за ЕУ

Некогаш во времето на социјализмот се случуваше да снема млеко или кафе, па редици се редеа кога ќе пристигнеа во продавниците. Дојде транзицијата, па редици се редеа за бензин кога ќе дојдеше на пумпите. Време дојде да се трча кон Европската Унија, откако се истрча за НАТО. Ред редици сега се редат за пасоши… И да имаш и да немаш важечки пасош, ништо не правиш без „северна“. Нема кај да бегаш…

Објавено на

часот

Сподели

Утрово е врнежливо и студено. Декември е и никој не очекува да е поубаво. Кој може, седи дома на топло. Затоа е и чудно кога ќе ја видите оваа ситуација прикажана на фотографија, редица наредена, а „опашката“ од луѓе е долга. Па бидејќи фотографијата е толкава колкава што е, тој што ја сликнал дообјаснува дека има сигурно 200 души со чадори во рацете. Во населбата Пролет. Пред пунктот на полицијата.

Се чека за пасош во кој ќе пишува Република Северна Македонија.

Кој сака да отпатува некаде каде што можеби е потопло, или нема врска, е постудено, ама треба да се отиде, нема друго чаре освен да закаже термин за вадење пасош. Мора ако му е истечен пасошот. Мора и ако не му е истечена важноста на пасошот, зашто нема да го пуштат на граница.

И така, тука се чека и за лична карта и за возачка дозвола со истото име на државата. Иако рекоа од МВР дека последици нема да имаат оние што нема да ги сменат, доколку имаат рок на важност.

А многу од личните документи без „северна“ се важечки и добар дел издадени пред две и пол, три години, кога МВР немаше набавено обрасци со „северна“, па издаваше со старото име. МВР земаше пари тогаш, зема и сега.

Сите луѓе не веруваат дека нема да имаат последици. И решени се по дождот да исчекаат во  долгата редица. Добар дел од нив можеби се обиделе по телефон да си закажат термин, за да не чекаат вака на отворено со чадор во рацете. Па се откажале…

Секој оној што ќе го исчека редот потоа ќе пие чај, некој можеби и нешто посилно за да се стопли. Дел ќе отидат да каснат скопска шкембе чорба. Ако останало, зашто саатот си работи, иде пладне.

Ех, вечно Скопје.

                                                                          П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ