Членовите на работната група која ќе ги води преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на парламентарно мнозинство се веќе номинирани, изјави лидерот на Демократското движење Изет Меџити.
„Веќе се номинирани членови од сите политички субјекти во склоп на Вреди. Во работната група од Демократското движење е Висар Ганиу, од Алијансата за Албанците Азир Алиу и има два члена од движење Беса и Алтернатива. Во делот на програмата ќе биде вклучен и Беким Ќоку од Самоопределување. Тој нема да биде дел од Владата, туку ќе биде во парламентарна група и ќе има свој глас како пратеник“, рече Меџити.
Тој го пофали Мицкоски дека и покрај тоа што добил 58 пратеници дошол во штабот на Вреди и тоа го оценува како добар почеток и знак дека ја нема ароганцијата на старото ВМРО и Груевски. Според Меџити, таквиот мал гест ја прикажува почитта која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им ја укажал. Разговорите продолжуваат на дневно ниво, порача Меџити.
„Контактите се секојдневни, на различни нивоа. Првично се работи на принципите на новата влада и унифицирање на програмите од двете коалиции. Мислам дека веќе не претставува интерес кога ќе се сретнат – може денеска, може два пати преку ден, комуницираме и телефонски и на средби. Работиме интензивно на составување на новата влада. Непотребно е притисокот од јавноста и медиумите на секоја средба. Тие се работни средби и тоа што ќе се затвори ќе ја известиме преку вас медиумите“, рече Меџити посочувајќи дека најдоцна до 15 јуни очекува да е готова новата влада.
Преговорите сѐ уште не стигнале до распределбата на ресори, рече Меџити, потенцирајќи дека Вреди не влегува во владата за да има минимално учество.
„Значи во првата фаза зборуваме за принципите на новата влада, за програмата на новата влада, кај ќе биде нашиот фокус – потенциравме економскиот развој, животниот стандард и другите битни прашања… нема да биде ни максимилистичка ни понижувачко нашето учество во владата, туку ние сме претставници на Албанците. Албанците според последниот попис се 30 отсто и претендираме, нема да одиме со дигитрон, но отприлика мислам како претставнници на Албанци во Македонија сакаме значи отприлика тој дел да го преземеме. Но повеќе фокусот нема да биде во функциите, туку во реализција на програма, реализација на идеи, тоа да го чувствуваат граѓаните. Овие четири години Албанците имаа многу власт, значи скоро девет или 10 министри, некои беа од СДСМ, некои од ДУИ, Алијанса, но беа во функција, но не во функција на граѓаните. Значи побитно е да ги решиме проблеми на граѓаните, тоа да го чувствуват граѓаните, да ја чувствуваат промената… а не дали Изет, Африм или некој друг ќе биде или нема да биде министер“, рече Меџити, кој потенцира дека ќе барааат функцијата претседател на Собранието да припадне на нивната коалиција.
На прашањето дали ќе бараат да се испита Договорот со „Бехтел и Енка“, Меџити рече дека оваа работа ќе ја остават на судството и Јавното обвинителство.