Портпаролот на јеменските Хути, генерал Јахја Сари изјави дека биле нападнати два израелски брода „Унити Експлорер“ и „Број Девет“, кои, како што рече, ги игнорирале предупредувањата на морнарицата на Хутите, пренесува Ројтерс.
Сари рече дека Хутите ќе продолжат да ги гаѓаат израелските бродови во Црвеното Море и дека „Јемен води судбоносна битка со израелскиот окупатор на САД“, пренесе либанската телевизија Ал Мајдин.
Компанијата за поморска безбедност Амбри соопшти дека добила извештаи дека британски товарен брод бил погоден со проектил додека минувал низ Црвеното Море.
„Британски товарен брод под знамето на Бахамите наводно бил погоден од проектил додека минувал низ Црвеното Море, на околу 34,5 километри северозападно од Мока во Јемен“, соопшти компанијата Амбри, пренесе Еуроњуз.
Пентагон малку подоцна соопшти дека биле извршени неколку напади на бродови во Црвеното Море, меѓу кои и американскиот разурнувач УСС Керни.
Американски функционер кој сакаше да остане анонимен рече дека нападот на УСС Керни започнал околу 10 часот во близина на јеменскиот град Сана и траел пет часа.
Друг американски функционер рече дека Керни пресретнал најмалку еден дрон за време на нападот.