вторник, 26 ноември 2024

Хаваи: Во огромните пожари изгореа повеќе објекти, спасени се луѓето кои скокнаа во океанот (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

„Американската крајбрежна стража реагираше во областите каде што луѓето скокаа во океанот за да избегаат од огнот и чадот“, се вели во соопштението на округот Мауи. Крајбрежната стража објави на Твитер дека екипажот спасил 12 лица од водата кај Лахаина.

Пожарите на Хаваи се разликуваат од повеќето пожари во западниот дел на САД. Тие најчесто започнуваат на големи пасишта во посувите делови на островот и генерално се многу помали од пожарите на копното на САД.

Пожарите на Хаваите поттикнати од силните ветрови уништија бројни објекти и ги принудија жителите да се евакуираат и да ги затворат училиштата во неколку окрузи, додека силните ветрови го отежнуваат гаснењето.

Ураганот Дора, кој минуваше на 805 километри јужно од синџирот на островот е делумно виновен за налетите на ветерот со брзина од 156 километри на час што ја прекинаа струјата во текот на ноќта и ги приземјија противпожарните хеликоптери, соопшти Националната метеоролошка служба

Вршителот на должноста гувернер Силвија Лук издаде проглас за вонредна состојба во име на гувернерот Џош Грин, кој е на патувањето, и ја активираше Националната гарда на Хаваите.

Федералната агенција за управување со вонредни состојби одобри декларација за катастрофата за да обезбеди помош за шумскиот пожар што загрози 200 домаќинства околу ранчот Кохала, рурална заедница со повеќе од 500 жители на Големиот Остров.

Кога беше поднесено барањето, пожарот гореше на повеќе од 243 хектари и не беше локализиран. Уште два шумски пожари избувнаа на Големиот остров и Мауи, соопштија властите.

Противпожарните екипи на Мауи се бореа со повеќе пожари концентрирани во две области: популарната туристичка дестинација Западен Мауи и планинскиот регион во внатрешноста. Сѐ уште не е познато колку згради изгореле, изјави портпаролката на округот Мауи, Махина Мартин.

Околу 13.000 домаќинства во Мауи останаа без струја, објави Хаваи електрик.

Поради силните ветришта, хеликоптерите не можеа да испуштат вода врз огнот, а пожарникарите наидоа на патишта блокирани од паднати дрвја и далноводи додека гаснеа пожари во внатрешноста, рече Мартин.

Во областа Кула во Мауи, најмалку две куќи се уништени во пожар што изгоре околу 4,5 квадратни километри, изјави Ричард Бисен градоначалникот на Мауи. Околу 80 лица беа евакуирани од 40 домаќинства, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ