петок, 18 октомври 2024

Голем интерес во Виена за солидарната колекција на МСУ

Објавено на

часот

Сподели

Галерискиот простор на Кунстхал беше претесен да ги собере сите оние кои трпеливо чекаа да влезат во музејот за да ја погледнат изложбата за солидарно Скопје и делата, кои светски познатите уметници ги подарија на нашиот Музеј на современатауметност во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.    

На 1.000 метри квадратни, импозантните 94 избрани дела од солидарната колекција на МСУ во симбиоза со 50-те дела од шестмината современи уметници, делуваат импресивно во просторот. 

Во изложбениот проект, вклучена е и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и текстови и макети од позначајни градби од постземјотресната обнова на градот, од архивата на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков, кои наедно одржаа и предавање вчера пред виенската публика.   

На официјалното отворање на изложбата, до присутните се обратија двете директорки на партнерските институции Кунстхале и МСУ, Сабина Саболовиќ и Мира Гаќина и беа поздравени од посетителите со громогласни аплаузи и извици за поддршка.  

Во Виена пристигна и министерката за култура на Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, која присуствуваше на отворањето, Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, голем дел од дипломатскиот кор во Виена и претставници од македонската амбасада во Австрија.  

„Скопје и Музејот на современата уметност – Скопје, испишаа историја во Виена“, се дел од коментарите на социјалните мрежи, веднаш по отворањето.    

„Монументална изложба, чиста емоција, извонреден колорит, моќни дела и сликовит приказ за солидарноста“, возбудено коментираа оние кои беа таму синоќа.   

и

Современите уметници вклучени во изложбениот проект: Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) и македонското  уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), синоќа беа во центарот на  вниманието синоќа.  Тие направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која  воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат  оваа збирка, настаната преку светската  солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан (Виена), направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена), напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје. 

Според искуствените статистики кои ги има Кунстхале Виена се предвидува дека изложбата ќе ја видат повеќе од 75.000 илјади посетители од целиот свет.    

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ