петок, 19 јули 2024

Германскиот завод за статистика пресметал дека Македонија има најниски трошоци за живот во Европа

Објавено на

часот

Сподели

Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика Дестатис, пренесе Дојче Веле. 

Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.

Анализирани се цените на храна, пијалоци, тутун, облека, енергија, транспортни трошоци, телекомуникации, културен живот и забава, како и хотели и ресторани. Речиси во сите категории Македонија нуди меѓу најниските цени, а во некои категории е и убедливо најевтина. За основа на истражувањето се земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100 отсто) од која се прави споредбата со други држави.

Севкупно, во сите категории, цените во Македонија се на ниво од 49 отсто од цените во Германија- или обратно, тие се за 51 отсто поевтини. Генерално е поевтино само во Турција каде нивото на цените е 39 отсто од германските. 

Најевтини цигари и храна  

На пример, храната и безалкохолните пијалоци во Македонија се 62 отсто од просекот во Германија, со што се најевтини меѓу сите 40 европски земји. Тука се пресметани просечните цени на леб, месо, риба, млечни производи и јајца, масло и маслени производи. Убедливо најевтини во Европа се и цените кои ги имаат овошјето, зеленчукот и компирите во Македонија. Тие се на ниво од 45 отсто од цените во Германија. За споредба, во регионот на Балканот, цените во Србија се на ниво од 86% од германските, во Хрватска, 76 отсто, во Грција, 67 отсто, а во Албанија 77 отсто. .

Цигарите и производите од тутун се поевтини само во Турција. Цените во Македонија на тутунот се речиси една третина од цените во повеќето членки на ЕУ, а во однос на некои држави се поевтини и за пет пати. Истото важи и за облеката и чевлите. Поевтини цени во тие сектори на европско тло има само во Турција, иако цените во Македонија не се далеку од европскиот просек. 

Во делот на енергетиката, четири европски држави се поевтини од Македонија. Тоа се, Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, а Унгарија има идентични цени. Во овој дел се пресметуваат цените на струјата, гасот и други горива. 

Најевтин одмор во Албанија 

За телекомуникациски трошоци помалку од македонските граѓани плаќаат само Турците, Полјаците и Романците. Шест европски држави имаат поевтини алкохолни пијалоци од Македонија и тоа, Унгарија, Германија, Австрија, Италија, Полска и Романија.

За хотели и ресторани помалку од Македонија ќе треба да одвоите доколку одите во Турција, Бугарија или Албанија. Сепак, она што ќе го платите во Македонија за тие услуги е 51 процент поевтино од Германија, и повеќе од двојно помалку од земји како Швајцарија, Исланд, Норвешка или Данска. Цените на хотелските и ресторанските услуги во Грција, како традиционална дестинација за одмор на македонските граѓани, се на ниво од 79 отсто од германските, или точно 30 проценти повисоки од оние во Македонија. Во Хрватска е нешто поскапо, таму за овие услуги ќе платите 34 отсто поскапо од дома. Најевтино е во Албанија и Турција каде ќе минете за 5 проценти поевтино одошто во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ