петок, 25 октомври 2024

Гардијан: Цртежите на „вечниот затвореник“ ги откриваат изопачените американски техники за мачење

Објавено на

часот

Сподели

Затвореник во американскиот затвор во Гвантанамо што бил користен како човечко заморче за програмата за мачење на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) го изработи најобемниот и најдетален приказ за бруталните техники на кои бил подложен.

Абу Зубајда, како што пренесува британски Гардијан, направил серија од 40 цртежи во кои го забележал мачењето на кое бил подложен на неколку тајни локации на ЦИА во периодот од 2002 до 2006 година и во Гвантанамо. Во отсуство на официјални извештаи и информации за програмата за мачење, која ЦИА и Федералното биро за истраги (ФБИ) со години се трудеа да ја држат во тајност, овие цртежи претставуваат уникатен и впечатлив увид во еден ужасен период во американската историја.

Цртежите, заедно со коментарите на Зубајда, опишуваат ужасни акти на насилство, сексуално и религиозно понижување и долг психолошки терор вршени врз него и врз други затвореници. Ги нацртал по сеќавање во својата ќелија во Гвантанамо, а потоа му ги испратил на еден од своите адвокати, Марк Денбо.

Заедно со своите студенти во Центарот за политика и истражување на Правниот факултет на Универзитетот Сетон Хол, Денбо ги споил цртежите и описите на Зубајда и составил извештај. Гардијан го објави извештајот со наслов „Американска тортура: злоставувањата од страна на ЦИА и ФБИ на тајни локации и во Гвантанамо“, првпат заедно со дотогаш невидени скици.

„Абу Зубајда е пример за тоа како изгледа американската програма за мачење“, рече Денбо. „Тој е првиот човек што бил измачуван со одобрение на Министерството за правда врз основа на информации за кои ЦИА знаела дека се неточни. Неговите цртежи се највисокиот вид отпор кон бесполезноста и злоупотребата на мачењето.“

Новиот извештај доаѓа во клучен момент за Зубајда, кој и натаму се наоѓа во Гвантанамо во бизарни услови. Тој е познат како „вечен затвореник“, бидејќи ниту бил обвинет за кривично дело, ниту пак му била понудена некаква можност за ослободување.

Минатата недела едно тело на ОН повика на негово итно ослободување, тврдејќи дека неговото затворање може да биде злосторство против човештвото. Неговата меѓународна правна застапничка, Хелен Дафи, рекла за Гардијан дека цртежите се моќен приказ на она што му се случувало.

Денбо додал дека комбинацијата на интервенцијата на ОН и новите цртежи нудат зрак надеж. „Единственото нешто што го држело во затвор се тишината и темнината, а сега светлина го огрева овој вечен затвореник“, изјави Денбо.

Цртежите на Зубајда даваат уникатен визуелен запис за мачењета што ги користела американската влада по 11 септември. Видеоснимките од мачењета што ги снимила ЦИА беа уништени и покрај судската наредба, додека извештајот за мачење од 6.700 страници, составен од Комитетот за разузнавање на Сенатот, останува тајна речиси една деценија по неговото подготвување.

Иако извештајот на Сенатот никогаш не беше објавен, заклучокот е познат: злоставувањето на Зубајда и другите затвореници не резултирало со нови информации. Со други зборови, мачењето не функционира.

Зубајда (52) бил уапсен во Пакистан во март 2002 година и префрлуван на неколку тајни локации на ЦИА во Полска, Литванија и на други места. Тој бил префрлен во Гвантанамо во 2006 година, каде што е до денес, потсетува Гардијан.

САД прво тврдеа дека тој е водечки оперативец на Ал каеда, но беа принудени да признаат дека тој не е ниту член на терористичката група. „Сите се согласуваат, мачеле погрешен човек; но сепак продолжиле за да може да добијат дозвола да мачат и други луѓе“, вели Денбо.

Описите на Зубајда се толку прецизни што тимот од Универзитетот Сетон Хол ги маскирал лицата на агентите на ЦИА и ФБИ за да го заштитат нивниот идентитет. Тие откриваат до кој степен американската влада го прекршила меѓународното право, па дури и сопствените насоки во, како што ги нарекува „унапредени техники на испрашување“.

Меѓу цртежите што ги објави Гардијан е и оној на кој се гледаат маскирани агенти што му се закануваат на Зубајда со анално силување, вели весникот. Тој ja прикажал екстремно насилната техника на која бил подложен, наречена „на ѕид“ (walling).

На друг цртеж, се нацртал себеси окован и гол како седи пред жена-испитувач. На трет цртеж се гледаат чувари што му се закануваат дека ќе го осквернават Куранот – техники што никогаш официјално не биле одобрени од Министерството за правда.

„Сексуалниот напад никогаш не е одобрен, голотијата никогаш не е одобрена, понижувањето со присуство на жена никогаш не е одобрено, ниту подложувањето некого на продолжена тортура до степен на исцрпеност или уште полошо“, вели Денбо. Продолжената употреба на повеќе техники на мачење Зубајда ја нарекува „Вортекс“.

Зубајда нацртал и како изгледаат техниките на симулирано удавување, или вотербординг, на кои бил подложен 83 пати. Тој опишал различни варијации на техниката, вклучувајќи ја и една во која бил затворен во сандак, кој потоа бил наполнет со вода до неговиот нос.

Цел ден „бил смртно преплашен дека ќе се удави“, напишал.

Нацртал и опишал како изгледало мачењето со тепање, студ, изгладнување, присилно хранење, закани со дупчалка.

Цртежите и коментарите на Зубајда ги опишуваат злоупотребите на кои тој лично бил подложен како прва жртва на американската програма за мачење. Сепак, Денбо вели да неговиот клиент го изработил материјалот за да укаже не само на своето страдање, туку и на страдањето на многумина што се подложени на истите техники.

Според резимето на извештајот на Сенатот во 2014 година, најмалку 119 луѓе биле подложени на истата програма.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ