вторник, 22 октомври 2024

Форин полиси: Русите пред наши очи почнуваат да ја откриваат реалноста

Објавено на

часот

Сподели

Нешто неверојатно се случи во Москва на 30 мај: среде бел ден градот беше нападнат од рој дронови – од пет до 25 или повеќе, во зависност од рускиот извор. Тоа не беше симболичен гест, како едното, мало беспилотно летало што го погоди јарболот на врвот на палатата Кремљ, каде што се наоѓа канцеларијата на рускиот претседател Владимир Путин, туку беа неколку напади во разни делови на главниот град. Ниту едно од беспилотните летала не експлодира – како што објави Комерсант, тие биле наменети за неодредени цели, но паднаа врз станбени згради откако беа или соборени или електронски попречени. Тоа беше првпат Москва да биде изложена на воздушен напад откако германски Луфтвафе ја бомбардираше во 1941 година.

За несреќа на Русите, тоа беше само првиот понижувачки инцидент таа недела. Следниот ден, нападот целосно исчезна од руските државни медиуми, а Москва продолжи како ништо да не се случило. Жителите се жалеа на неисправни такси-апликации бидејќи ГПС-услугите беа исклучени во обид да се дезориентираат новите роеви дронови. Локалните информативни медиуми брзо преминаа на прилози за отворањата на нови ресторани на покриви, при што неколку огорчени коментатори се запрашаа дали собирањата на покриви ги направи лесни мети за беспилотните летала.

Потоа ситуацијата од руска перспектива стана уште повознемирувачка – и крајно бизарна. Две групи што себеси се нарекуваат Легија за слободна Русија и Руски волонтерски корпус – и тврдат дека се Руси што се борат да ја ослободат Русија од режимот на Путин – ја преминаа границата од северна Украина во рускиот регион Белгород. На неколку точки долж границата, борците наидоа на мал отпор и зазедоа неколку села, бидејќи повеќето единици на руската армија одамна ги имаа напуштено северните погранични области кон источна и јужна Украина. Таму најголем дел од руската армија – или она што остана од неа – сега го чека главниот удар од очекуваната украинска контраофанзива.

Една од наводните руски милиции накратко окупираше погранично село, зароби неколку руски војници и го покани гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на размена на затвореници. Изненадувачки, гувернерот се согласи, но потоа се повлече. Шебекино, руски град на околу осум километри од границата и со предвоено население од речиси 40.000, беше затворен и набрзина евакуиран, а жителите огорчено се жалеа на рамнодушноста на Москва кон нивната состојба.

Киев дрско тврди дека нема контрола над руските герилци, повторувајќи ги тврдењата на самата Русија за групите вооружени лица што го зазедоа украинскиот регион Донбас во пролетта 2014 година. Дотурајќи сол на раната, украинските корисници на Твитер веднаш ја прогласија „Народна Република Билхород“ – користејќи го украинскиот изговор за рускиот град Белгород. Некои од нив се пошегуваа дека повеќе од 100 отсто од руските жители на регионот веќе на референдум гласале за создавањето на републиката, пародизирајќи го руското формирање на две нелегални марионетски држави во Донбас. Украински хакери упаднаа во неколку локални мрежи и емитуваа лажна најава од слаб имитатор на Путин, најавувајќи евакуација, воена мобилизација и воведување вонредна состојба во Белгород и во другите руски погранични региони. Во меѓувреме, двете групи борци објавија серија видеа на кои се прикажани внатре во Русија и им ветуваат на Русите дека ќе бидат ослободени од путинистите.

Во комбинација со нападот со беспилотни летала врз Москва, сега е јасно дека руската војна се врати дома бидејќи руските сили изгледаат неспособни во исто време да ја окупираат Украина и да ја бранат Русија. Инцидентите се случуваат во време на зголемена вознемиреност во Русија, бидејќи нејзината офанзива во Донбас заглави, а Украина почнува серија пробни напади на исток и југ додека гранатира руски цели зад борбените линии користејќи ги новите западни ракети со поголем дострел. Украинците, исто така, ги засилија нападите со беспилотни летала врз рафинерии за нафта, аеродроми и други клучни локации длабоко во Русија.

А Русите изгледа почнаа да ја разбираат ситуацијата во која се наоѓаат. Првиот доказ е зачудувачката ескалација на жестокиот конфликт меѓу шефот на Вагнер, Jeвгениј Пригожин, и руското Министерство за одбрана. Во неделата Пригожин објави видео на кое се гледа како потполковник на руската армија – командант на 72-та механизирана бригада во источна Украина – е заробен и испрашуван од платениците на Вагнер. Пред камера, командантот признава дека им наредил на своите војници да пукаат врз единицата на Вагнер. Русите се пукаат меѓусебно, приватните платеници заробуваат висок офицер на армијата на сопствената земја – сето тоа малку почнува да изгледа како држава што се распаѓа.

Дури и ако нападите со беспилотни летала и прекуграничните упади немаа големо влијание врз општиот тек на војната, нивниот психолошки ефект врз Русија е разорен. Расположението на пропагандните ток-шоуа на државната телевизија, кое вообичаено се движи помеѓу весело патриотско и искрено геноцидно, во последно време наклонува кон дефетизам. Во Нечија сопствена вистина, дневна емисија на НТВ, која е под контрола на Кремљ, главната уредничка на РТ, Маргарита Симонјан, се повика на духот од 1917 година, кога Германците и Австријците ја поразија руската империјална армија во Првата светска војна, војниците се побунија и режимот се распадна. На јавен форум на 1 јуни, парламентарниот претставник на партијата на Путин, Единствена Русија, Константин Затулин, со невообичаена искреност фрли сомнеж врз напредокот на војната, нарекувајќи ги целите на војната „нереални“. Неговата партија веднаш соопшти дека ги истражува неговите изјави за евентуална цензура.

Во екот на паниката, за некои припадници на руската екстремна националистичка десница повеќе не се задоволуваат со жестоките навреди кон министерот за одбрана Сергеј Шојгу, началникот на Генералштабот Валериј Герасимов и другите врвни лидери. Сега тие почнаа директно да го напаѓаат Путин за неговата наводна неодлучност. Игор „Стрелков“ Гиркин, поранешен платеник поврзан со руските безбедносни служби, кој беше осуден во отсуство од холандскиот суд за воени злосторства, пред својата публика од преку 800.000 претплатници на каналот Телеграм секојдневно се потсмева со Путин за неговото слабо раководење. Клубот на гневни патриоти, милитантна ултранационалистичка група, чиј основач е и Гиркин, наводно е под истрага за „дискредитација на војската“ според законот воведен во март 2022 година за замолчување и забрана на сите преостанати независни гласови.

Руските власти се најдоа во тесно: ако не ги гонат најгласните критичари на руското раководство, тоа ќе се смета за слабост и може да го отвори патот кон уште поголемо, нефилтрирано незадоволство. Но ако го сторат тоа, тие ризикуваат дополнително да ги налутат десничарските националисти, кои се уште повеќе вложени во војната од самиот Кремљ. Ова доаѓа во време кога паравоените формации како Вагнер веќе се во долготраен конфликт со другите воени фракции и отворено ѝ пркосат на руската висока команда.

Каде е Путин додека Русите ја откриваат реалноста? На денот на нападот со дрон во Москва, тој прво молчеше. Не ѝ се обрати веднаш на нацијата и само површно го спомена нападот подоцна во текот на денот во набрзина договорено интервју на маргините на конвенцијата за креативни индустрии на која присуствуваше. За волја на вистината, тој речиси седум минути расеано бладаше за цивилизациските судири, навредите од НАТО и своите вообичаени теми, само накратко спомнувајќи го самиот напад со беспилотно летало пофалувајќи ги напорите на московската воздушна одбрана да го одбие.

Следниот ден, додека жителите на областа Белгород залудно чекаа лидерот на земјата да ја смири нивната паника, Путин неповрзано дрдореше како одговор на прашањата за неговиот режим на спиење и за рускиот Дедо Мраз на виртуелната средба со семејства. Ниту тој, ниту портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков – кого провоените фанатици го мразат поради избегнувањето одговори – не прокоментираа суштински за ниту еден од најистакнатите случувања на фронтот таа недела.

Нема простор за неуспех во Путиновиот наратив за војната што Русите не смеат да ја нарекуваат војна. Тој наратив никогаш не ја вклучуваше можноста војната да трае толку долго, Украина да се врати во офанзива, беспилотни летала да ја напаѓаат Москва, а руски борци да тврдат дека ослободуваат руска територија. Во оваа досега невидена криза што ја создаде самиот Путин, се чини дека неговиот стисок попушта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ