Хелсинки рече дека неодамнешниот пораст на бројот на баратели на азил кои доаѓаат преку Русија бил оркестриран од Москва како одговор на одлуката на Финска да ја зголеми соработката во одбраната со САД, што Кремљ го негира. Барателите на азил престанаа да доаѓаат откако Финска ја затвори границата кон крајот на ноември, но почна повторно во четвртокот откако беа отворени два од осумте гранични премини, при што 36 лица побараа азил, соопшти финската гранична полиција.
„Сега тој тренд повторно започна и ќе ја затвориме целата граница“, изјави Рантанен пред финскиот парламент. Околу 900 баратели на азил од земји како Кенија, Мароко, Пакистан, Сомалија, Сирија и Јемен влегле во Финска од Русија во ноември, додека претходно дневно пристигнувало помалку од едно лице, информираат од граничната полиција.
Советот на Европа во писмото објавено во понеделникот соопшти дека е „загрижен за правата на бегалците, барателите на азил и мигрантите“ по привременото затворање на границата и побара од Финска да се погрижи дека сè уште е можно да се побара заштита.
Министерката Рантанен, која ја претставува анти-емиграциската партија на Финците, во понеделникот за Ројтерс изјави дека нема причина за загриженост за човековите права, бидејќи азил може да се бара на другите влезни места. За време на двонеделното затворање на границата со Русија, Финска продолжи да им дозволува на мигрантите кои пристигнуваат на поморските пристаништа и аеродромите да ги пополнуваат барањата за азил.