недела, 27 октомври 2024
Ревизија на локалните избори

Финансирањето на изборните кампањи било законско, проблем е Изборниот законик, констатира ДЗР

Објавено на

часот

Сподели

Со ревизорскиот извештај се опфатени СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, Интегра, Демократската партија на Турците (ДПТМ), Движење за национално единство на Турците (ДНЕТ), Партијата за еманципација на Ромите (ПЦЕР) и Демократската партија на Албанците (ДПА). ДЗР извршил и ревизија на Група избирачи Агон Заими и на Група избирачи Ељмедина Абдулахи за избор на членови на Совет на општина Тетово. 

Изборните кампањи се финансирале законски, проблем е Изборниот законик

Според извршената ревизија, од 12 политички партии само две, Демократската партија на Турците (ДПТМ) и Партијата за еманципација на Ромите (ПЦЕР) финансискиот извештај не го прикажале вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, а не доставиле ниту финансиски извештаи до ДЗР, Државната изборна комисија (ДИК) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Истата состојба е констатирана и за Група избирачи Агон Заими за избор на членови на Совет на општина Тетово. 

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, Интегра, Движење за национално единство на Турците (ДНЕТ), и Демократската партија на Албанците (ДПА) и Група избирачи Ељмедина Абдулахи за избор на членови на Совет на општина Тетово вистинито и објективно, во сите материјални аспекти ја прикажале финансиската состојба на сметките.

Според наше мислење, финансиските извештаи се прикажани вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на сметките се во согласност со важечката законска регулатива. Според наше мислење, активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на сметките во сите материјални аспекти се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, констатирал ДЗР.

Во делот на останати прашања ревизијата констатирала системски слабости во Изборниот законик и потребата од нивно надминување, а кои се однесуваат на делот на, финансирањето на изборната кампања, рекламните паноа и билборди, следењето на медиумско претставување на учесниците во изборна кампања  на електронските медиуми (интернет портали), рок за уплата на донации, финансиските извештаи, казни и прекршочни одредби и други прашања.  

 

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик во 2020 година уредено е дека изборната кампања може да се финансира, меѓу другите извори и од средства од редовната сметка на политичката партија, посочуваат од ДЗР.

„Имајќи ја предвид оваа одредба, укажуваме дека дадена е законска можност, средствата добиени од Буџетот за финансирање на редовното работење на политичките партии да се прелеваат како финансиски средства со кои ќе се покриваат трошоци на учесниците во изборните кампањи, што ќе доведе до финансирање на изборната кампања со средства од Буџетот во повисок износ од утврдениот за секој поединечен изборен процес.  Имајќи го во предвид наведеното ревизијата смета дека потребно е да се преиспита член 83 став 2 од Изборниот законик во делот на финансирање на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија. Исто така укажуваме дека уредувањето на изворите на финансирање на изборната кампања не даваат јасно разграничување од причина што средствата од членарина и средствата од донации на политичка партија исто така се средства од редовната сметка на политичката партија. Ревизијата укажува дека во услови на дадена законска можност за финансирање на изборната сметка со донации на политичката партија потребно е допрецизирање на член 83 од Изборниот законик, во делот на финансирање на изборниот процес од донации од политичка партија, во однос на поединечните и вкупните лимити на средства“, препорачуваат од ДЗР.

Ревизијата смета дека е потребно да се доуреди и делот од Изборниот законик што се однесува до распределба на државните парите во партиите. 

„Распределбата на вкупните средства за платено политичко рекламирање според принципот 45-45-7- 3 отсто не обезбедува објективни критериуми за распределба на јавните средства, давајќи значителна предност на најголемите парламентарни партии, притоа ограничувајќи ги можностите на останатите партии и независните кандидати да ги претстават своите програми на радиодифузерите, електронските и печатените медиуми.  Одредбата за склучување на претходен писмен договор помеѓу учесниците во изборната кампања создава можност распределбата на средствата за платено политичко рекламирање да се врши на различен начин и процент помеѓу политичките партии во власта, опозицијата и политичките партии кои на последните избори не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група без притоа да постои јасно утврдени мерливи критериуми за распределба на овие средства и – во пропишаниот начин на утврдување на вкупните средства за локалните избори, кои не смеат да ја надминат сумата од 2 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ, по запишан избирач од вкупно запишани избирачи, а за локални избори дополнително по 1 евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач на територијата на општината каде се одржува втор круг на гласање, отсуствува утврдување на јасни критериуми дали дополнителни средства за втор круг од локалните избори ќе се обезбедат од вкупно запишани избирачи на територијата на општините во кои се одржува втор круг на гласање, независно од тоа дали учесниците во изборниот процес настапуваат со свои кандидати во општините каде се одржува втор круг на гласање“, сметаат од ДЗР.

Партии ниту изготивле ниту доставиле до надлежните финансиски извештаи за изборите

Според ДЗР, Демократската партија на Турците (ДПТМ) и Партијата за еманципација на Ромите (ПЦЕР) како и Група избирачи Агон Заими за избор на членови на Совет на општина Тетово финансиските извештаи не ги прикажале вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, а не доставиле ниту финансиски извештаи до ДЗР, Државната изборна комисија (ДИК) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). 

Според наше мислење, поради значењето на прашањата не бевме во можност да прибавиме достатни и соодветни ревизорски докази како основа за мислење за ревизија. Следствено ние не изразуваме мислење за финансиските извештаи кои беа предмет на ревизија. Не сме во можност да изразиме мислење за тоа дали активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, потенцираат од ДЗР. 

Што се однесува до останатите прашања исто како и кај другите партии, ДРЗ издаде препорака за надминување на утврдените системски слабости во Изборниот законик, а се однесуваат на, финансирањето на изборната кампања, рекламните паноа и билборди, следењето на медиумско претставување на учесниците во изборна кампања  на електронските медиуми (интернет портали), рок за уплата на донации, финансиските извештаи, казни и прекршочни одредби и други прашања.  

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ