На оваа тема и на многу други, во подкаст на Сител, Филипче зборува за својот професионален, но и приватен развој од еден поинаков, понеформален агол откривајќи детали за неговото детство, љубовта кон неврохирургијата, местата каде што излегувал како студент и многу други настани што за прв пат ги споделува во јавноста.
Филипче дава прецизен увид како изгледа една операција и операционата сала додека тој со својот тим оперира, но и открива зошто младите доктори и специјализанти сакаат да присуствуваат на неговите операции.
„Има одредени патологии коишто бараат максимална тишина и особена концентрација посебно на крајот на операцијата кога е хирургот и тимот практично најуморен. Најделикатниот дел од операцијата доаѓа на крајот од интервенцијата. Но, ние многу разговараме пред и по завршување на операцијата“, појаснува Филипче.
Тогаш, додава Филипче, тој се труди да им го пренесе сето свое знаење на колегите присутни на одредена интервенција.
Тоа е нешто на што Филипче посветува многу внимание и тоа е нешто што практично привлекува голем број на млади колеги специјализанти, па дури и студенти по медицина коишто покажуваат уште сега интерес за неврохирургијата, да бидат присутни на тие интервенции, објаснува тој.
Филипче се надева дека младите доктори и специјализанти ќе можат овие совети и искуства да ги имплементираат во нивната пракса.