петок, 6 декември 2024
УНИЦЕФ за 16-те дена активизам против родово базирано насилство

Нема причина девојчињата да не бидат заштитени од насилство

Во текот на 16-те дена активизам против родово базирано насилство, УНИЦЕФ потсетува дека борбата за ставање крај на насилството врз жените е и борба за заштита на девојчињата од некои од најраспространетите повреди на човековите права во светот.

Објавено на

часот

Сподели

„Сексуалното насилство, детските бракови и сексуалната трговија се форми на родово базирано насилство чии жртви се девојчињата. Тие се јавуваат во секоја земја, во сите сегменти на општеството. Многу луѓе, вклучително и членовите на семејството и заедницата, често погрешно ги разбираат сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца. Нивните реакции може да бидат неверување, па дури и обвинување на жртвата, или пак наметнато молчење и непреземање ништо за да го заштитат сторителот или за да ги зачуваат угледот и честа. Кон овој проблем придонесуваат факторите како што се општествените норми со кои на возрасните им се дава контрола врз децата и се поддржуваат патријархалните практики и ставови, но и слабите закони со кои пречесто се обвинуваат жртвите, а се ослободуваат сторителите“, велат од УНИЦЕФ.

Овогодинешната тема на 16-те дена активизам против родово базираното насилство е „Нема оправдување“. Со воспоставено цврсто законодавство, нема причина девојчињата да не бидат заштитени од насилство.

„Македонија направи значителен напредок во донесувањето закони за заштита на девојчињата од родово базирано насилство, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права. Законот за правда за деца гарантира заштита на децата-жртви преку мерки за спречување ревиктимизација. Тие опфаќаат повеќе заштитни мерки при сведочење на деца, со цел да се избегне повторна трауматизација поради многубројните и повторени распити. Со овој закон се уредува децата-жртви да уживаат засилена заштита и поддршка од сите институции, тела и поединци во системот за детска правда. Ова е клучно за да се обезбеди жртвите да бараат правда од систем што е подготвен да ја исполни“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.

Кривичниот законик ги штити децата од сите форми на насилство и наметнува строги казни за да ги одврати сторителите. На пример, производство и дистрибуцијата на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца се казнува со најмалку пет години затвор. Силувањето дете кое не наполнило 15 години е казниво со најмалку осум години затвор, исто како и трговијата со деца.

Но, цврстото законодавство може да го постигне посакуваното влијание само доколку тоа законодавство ефективно се спроведува.

Во контекст на 16-те дена активизам против родово базираното насилство, УНИЦЕФ ја повикува земјата да инвестира во спроведување на законодавната рамка, вклучувајќи:

Градење на капацитетите на стручните лица од правосудниот систем, вклучително и адвокатите, при работа со деца да применуваат пристап кој е воден од доживеаната  траума и кој е сензитивен кон децата.

Децата-жртви на сексуална злоупотреба и експлоатација да имаат посебни права на процесна заштита, пристап до услуги за поддршка и навремени, правични правни лекови при повреда на правата.

Прописно спроведување на Кривичниот законик и Законот за правда за деца и обезбедување средства, насочување и обука за професионалците. Сторителите мора да се идентификуваат, соодветно да се санкционираат и да се спречат да го повторат делото. Не треба да има неказнивост за сторителите. Ова е клучно за постепено да се искоренат сите форми на родово базирано насилство врз девојчињата и момчињата и за да се изгради доверба во системот.

Правосудниот систем да обезбедува брза, ефикасна и ефективна правда. Приоритет треба да се даде на случаите во кои се вклучени деца, а судството треба да овозможува итна постапка во сериозни случаи за да се спречат трајни последици врз децата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ