По избувнувањето на пандемијата на коронавирусот во 2020 година, Будимпешта побара од некои странски државјани или лица без државјанство да поминат низ прелиминарни процедури пред да поднесат барање за азил.
Овие лица прво морале да отпатуваат во унгарските амбасади во Белград или Киев за лично да достават документ со кој се потврдува нивната намера да поднесат барање за азил. Унгарските власти потоа би можеле да одлучат дали ќе им дозволат да влезат во Унгарија за да побараат заштита.
Европската комисија смета дека оваа претходна постапка е прекршување на правото на ЕУ и ја тужеше Унгарија во Луксембург пред највисокиот суд на Унијата. ЕСП пресуди во корист на Комисијата, а образложението е дека овој вид на регулатива им го одзема правото на луѓето ефикасно да поднесат барање за азил во Унгарија, се посочува во соопштението.
Документот со кој се изразува намерата за поднесување барање за азил не е предвиден со европското право и не гарантира ефикасен и брз пристап до процедурата за азил. Мерката не е соодветна ниту за борба против пандемијата, одлучи судот. Комисијата и претходно ја критикуваше Унгарија за строгата политика кон бегалците. Европскиот суд на правдата веќе ги поништи клучните делови од унгарскиот систем за азил во своите претходни пресуди.