среда, 27 ноември 2024

ЕУ се прашува зошто Вулин е толку често во Москва

Одржувањето блиски врски со Русија не е во согласност со принципите на процесот на пристапување и можното членство во Европската унија и Србија треба да се воздржи од одржување и интензивирање на односите со Москва, изјави портпаролот на Комисијата за надворешна политика Петер Стано.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Мислам дека сите ги знаат принципите на пристапниот процес и можното членство во ЕУ, а тоа секако не е одржување врски со Русија како ништо да не се случува, затоа што Русија под раководство на Путин ја прекршува повелбата на ОН и меѓународното право и ги напаѓа сите принципи и вредности врз кои е изградена Европската унија“, изјави Стано.

Тоа беше неговиот одговор на новинарско прашање да ја коментира вчерашната посета на Русија на српскиот премиер Александар Вулин и средбата со рускиот претседател Владимир Путин.

Вулин вчера во Владивосток се сретна со Путин, кому му порача дека Србија не е само стратешки партнер на Русија, туку и нејзин сојузник и дека Белград никогаш нема да воведе санкции против Русија, ниту Србија ќе стане членка на НАТО.

Стано додаде дека „не е сосема сигурно“ во чие име зборува Вулин, имајќи предвид дека Србија аплицирала за членство во ЕУ, води преговори за пристап, претседателот и другите членови на српската влада постојано потврдуваат дека членството во ЕУ е стратешка цел на Србија.

„Очекуваме сите членови на српската влада да ги почитуваат обврските што Србија доброволно ги презеде кога станува збор за пристапување во ЕУ, што вклучува усогласување со надворешната политика на ЕУ. Уште еднаш повторувам дека одржувањето, па дури и зајакнувањето на врските со Русија не е во согласност со вредностите на ЕУ и со процесот на пристапување“, рече Стано.

Тој додаде дека ЕУ со загриженост ги забележува изјавите на Вулин и дека фактот што Вулин толку често ја посетува Москва, а ретко е поканет во ЕУ, кажува многу.

Србија е единствената земја-кандидат која одбива да се усогласи со надворешната политика на ЕУ кон Русија, вклучувајќи ги и санкциите воведени против Москва по инвазијата на Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ