сабота, 2 ноември 2024

ЕУ бара „европско“ однесување од „идните членки“ Србија и Косово

Објавено на

часот

Сподели

Членките на ЕУ бараат да се прекине ескалацијата и да се одржат избори на северот на Косово со учество на косовските Срби, а владите да ја докажат својата подготвеност да ги применат обврските од дијалогот за нормализација на односите, порача вчера високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, сумирајќи ги заклучоците од средбата на шефовите на европските дипломатии.

Тој предупреди дека ЕУ ќе преземе „политички и финансиски“ мерки против владата што нема да работи на нормализирање на односите и посочи дека мерките веќе ги подготвува Политичко-безбедносниот комитет на ЕУ. Борел нагласи дека „Унијата ќе ја има предвид одлуката на Белград да ги ослободи тројцата косовски полицајци“.

Тројцата припадници на косовската полиција што српската полиција ги уапси на 14 јуни вчера беа пуштени да се бранат од слобода и веднаш потоа во раните попладневни часови се вратија на Косово, јавуваат медиумите. Србија тврдеше дека полицајците биле уапсени на територијата на Србија.

Меѓународната заедница во повеќе наврати побара ослободување на полицајците, за кои Владата во Приштина рече дека биле „киднапирани“ од српските власти откако косовската полиција на 13 јуни го уапси Србинот Милун Миленковиќ под сомнение за организирано насилство врз членовите на мисијата на НАТО, КФОР, на северот на Косово.

На косовските полицајци првично им беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а обвинети се за недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материјали.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, им се заблагодари на САД за ослободувањето на тројцата полицајци, кои, како што наведе, Србија ги „држела во заложништво“.

Борел вчера посочи дека „изборите во четири општини на северот на Косово мора да се организираат со безусловно учество на косовските Срби и двете страни мора да покажат подготвеност да ги применат обврските од дијалогот“ и додаде дека „од идните членки на ЕУ се очекува европско однесување“. Тој предупреди дека е неодржливо општините на северот на Косово „засекогаш да ги штити КФОР, а лидерите да се избираат со два или три отсто од гласачите“.

Шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, во телефонски разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, инсистирал „на смирување на ситуацијата на северот на Косово и Метохија и целосно го поддржа европскиот план за деескалација“, објави кабинетот на Вучиќ.

Вучиќ му рекол на Блинкен дека Србија се однесува сериозно и одговорно, но дека специјалните сили на косовската полиција секој ден целосно самоволно апсат припадници на српската нација и побарал ослободување на сите уапсени Срби, се наведува во соопштението.

Претседателот на Србија изјави дека „од клучно значење за смирување на тензиите се оставките и итното повлекување на лажните градоначалници од зградите во четири општини на северот на Косово и Метохија, како и на специјалните сили на косовската полиција“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ