петок, 18 октомври 2024

Ексклузивно со Метју Рајт

Објавено на

часот

Сподели

 

Да направиме едно мало временско патување, Лондон во 70-те, 80-те години…, дали тоа беше инспиративно место за живеење?

М.Р. Не! Навистина не. Израснав во предградието на Лондон, во место наречено Кројдон, кое е повеќе економски депримирано денес отколку тогаш. Во тие години премиер беше г-ѓата Тачер и луѓето беа поделени на оние што ја поддржуваат и на оние што не ја поддржуваат. Мене воопшто не ми се допаѓаше. Не ми се допаѓаа нејзините ставови и одлуки и по 17 години конзервативно владеење се чувствував многу лут, па можеби тоа е и една од причините што завршив со ваков вид професија. Мислам дека лутината може да носи многу позитивна енергија. Во тоа време го имавме панк-рокот како начин на бунтување и протестирање против естаблишментот. Едноставно сурова лутина. Луѓето беа незадоволни, несреќни, а и јас бев еден од нив.

Значи, во случај на револуција, прв наспроти ѕидот. Се шегувам. Но дури и во тие рани, бунтовнички денови имавте склоност кон уметностите, поточно актерството. Знам дека на 14-годишна возраст имавте улога во филмот „Големи тркала и морнар“ („Big wheels and sailor“). Какво беше тоа искуство?

М.Р. Во тоа време одев во државно училиште, кое беше мошне спортски ориентирано. Но не сум по спортот, па не бев мотивиран. Во исто време, во училиштето на сестра ми се одржуваа поетски фестивали. Присуствував на еден, ми се допадна она што го видов и така одлучив да ѝ се приклучам на една театарска група наречена „Театарска организација на младите од Кројдон“. Ја посетував двапати неделно и оваа театарска група стана моја главна преокупација. Актерството беше добро и за изградување на мојата самодоверба и во еден момент си мислев да го одберам за животна професија.

Тоа е причината што одлучивте да студирате драма и англиски?

М.Р. Да. Англиски и драма. На моите родители не им се допаѓаше идејата да студирам само драма поради причината што актерите најчесто се без работа – што е точно. Англискиот опфаќаше поголем дел од студирањето и тоа се покажа добро. Сè на сè, универзитетските денови беа едно навистина позитивно искуство.

Во тие студентски денови дали имавте некоја личност на која ѝ се восхитувавте, ве инспирираше- идол?

М.Р. Мој херој од 12-годишна возраст, па дури и до денес, е Френк Запа. Неговите животни пораки се силни: „Запрашувај се за сè во животот“; „Не верувај никому“;„Имај сопствено мислење за работите“ и слично.

Сигурно е чудно да си Том Круз

Значи, ете, само што дипломиравте и подготвен сте да ја започнете својата кариера…
М.Р. Бев невработен!

Во ред, невработен, но сè уште со идејата за актерство! Па како се случи тој неверојатен скок од актерство во новинарство?

М.Р. По дипломирањето сфатив дека актерството повеќе не ме привлекува. Извесно време бев во недоумица што да правам, но ми беше потребна работа, па одлучив да го искористам знаењето што ми го дава другиот дел од студирањето – а тоа е англискиот. Англиската диплома дозволува да работиш и новинарство. Така започнав лебот да го вадам со новинарство, почнувајќи со работа во локален весник. На оваа работа останав пет години.

Ве исполнуваше ли таа работа?

М.Р. Беше во ред. Не бев платен многу, но во исто време го печев занаетот. По локалните, почнав да работам за националните весници, поминав три години во „Сан”, една година во „Скај ТВ”, пет години во „Дејли мирор” и извесно време во „Тудеј”. Значи тоа беше мојата новинарска кариера, пет години во локални, десет години во национални весници.

По весниците, почнавте да работите на радио и на телевизија.

М.Р. Додека работев на националните весници, ме натераа да се специјализирам во шоубиз-новинарство. Со ваков вид специјализација може да се промовираат најнови вести за личности како на пример Мадона, која и онака не дава многу интервјуа. Така ако имав приказна, на пример, Мадона е трудна, радио и телевизиските станици беа заинтересирани и ме покануваа да зборувам за најновите стории и на нивните медиуми.

Дали Ви се допадна овој вид новинарство?

М.Р. Беше забавно, но во тоа време сè уште бев пред сè новинар и појавувањето на радио или ТВ беше само бонус.

Во ова време сте имале можност да сретнете и да разговарате со многу филмски и музички ѕвезди. Каков впечаток Ви оставија како личности? Дали е потребно да се поседува нешто посебно за да се биде успешна личност?

М.Р. Мора да е крајно чудно да си Том Круз и да не можеш да се појавиш на ниедно место на планетава, а луѓето да не реагираат на вас како на Том Круз филмската ѕвезда. Не можам да си замислам нешто полошо од тоа. Така што – секоја личност чија аспирација е да живее заробена во својот приватен свет мора да е крајно чудна.

Изгледа е така… Но претпоставувам дека и публиката има голем удел во моделирањето на ѕвездите?

М.Р. Можеби! Поголем број филмски ѕвезди, претпоставувам, се фини личности и во приватниот живот. Кога промовираат филм, нивна задача е да посетуваат премиери и да седат во хотелски соби од сабајле до вечер, каде што се интервјуирани за нивното најново филмско остварување и делумно за нивните приватни животи. По неколку дена можам да замислам дека чувствуваат нервоза, но затоа пак компензација е добрата платеност…

Се сеќавам на една пригода кога Мел Гибсон промовираше нов филм… Сите новинари бевме седнати околу маса и на секого од нас му беа ветени по 20 минути време за интервју. Го започнав интервјуто и некаде на половина пат, Гибсон рече дека е изморен и не беше расположен да продолжи натаму. Ова навистина ме разлути, па му се обратив со зборовите: „Вие имате филм што сакате да го промовирате, а моето списание има одвоен голем простор што треба да го исполнам со информации за Вашето ново остварување. Во моментов не ми давате ни одблиску доволно информации…“ Треба да запаметиме дека филмските звезди не се божества. И тие се обични смртници. Тие работат на филмови, јас во печатот. Ако сакаат информации за нивните филмови во мојот весник, треба да ми помогнат.

Патувам пет години подолго од Јуан Мекгрегор и не ми е јасна неговата потреба за пишување книги

Сè уште одам во истиот паб и пијам со истите луѓе

Кога кај Вас се случи големата промена од секојдневен новинар да станете општопознато име?
М.Р. Ја напуштив Флит стрит, односно печатеното новинарство, во јуни 2000 година и формирав интернет-компанија затоа што повеќе не сакав да се занимавам со новинарство. Не сакав да сум постојано зафатен, не сакав повеќе да интервјуирам филмски ѕвезди што не сакаат да бидат интервјуирани. Бев презаситен од сè – имав проблеми со пиењето, бракот ми се распаѓаше и татко ми тукушто почина, чашата ми се прелеа. Единствено што посакував е нормално работно време и нормална работа. Кога ги напуштив весниците, од „Гардијан“ ме интервјуираа и разговорот излезе под наслов „Збогум на легендата од шоубиз-новинарството“. Ова интервју го привлече вниманието на „Ченел фајв“ и знаејќи ја мојата претходна работа за различни ТВ-компании, ми понудија работа што не можев да ја одбијам – да водам пет пати неделно ток шоу на кое гледачите ќе можат да се јавуваат. Секако мојот одговор беше „да“ и така започна „Вистинското нешто”.

Ова мора да било голема промена? Една работа е да пишуваш во печат, а сосема друга е да си пред камера и да оркестрираш сè пред милионска публика…

M.Р. Е затоа искуството од актерството, колку и да беше кратко, се покажа полезно. Сè што треба да направам е да напишам сценарио за емисијата, а потоа да го реализирам пред камерите. Две професии споени во едно!

Вашето шоу сè уште расте според популарноста. Имате верна публика, која се брои во милиони и би рекла дека сте на врвот на својата кариера. Но бизнисот во кој работите – телевизијата, би го нарекла несигурен. Она што важи денес, утре може потполно да се смени, па имате ли грижи? Кој е патот напред?

М.Р. Во првата година на емитување бев многу загрижен. Јас не бев многу добар, па и шоуто не беше многу добро. Постојано ме следеше мислата дека она што го правам е бесмислено и дека ќе се покаже непродуктивно. Но како што одминуваше времето, јас се подобрив, шоуто се подобри – доби повеќе карактер и тогаш си помислив: „Зошто да го минам животот загрижен за тоа што сè може да се случи, до тој степен да пропуштам да уживам во дадениот момент и она што всушност се случува. На тој начин се станува губитник“. Така што, не размислувам за утре. Се концентрирам на она што го правам денес и тоа што е можно најдобро. И тоа се покажа добра формула. Вие велите „врв“ – јас не размислувам за врвови и падови, туку само за денес! Ако сè се заврши утре, тогаш ќе треба да смислам нешто ново.

Еве една идеја за Вас… Многу познати луѓе денес за да ги подобрат сопствените буџети, издаваат автобиографии. Дали сте размислувале за вакво нешто? Бидејќи сте од внатрешната страна на бизнисот, верувам имате интересни приказни за кажување?

М.Р. Имам напишано книга во име на Мартин Меккачн, што беше навистина позитивно искуство и со задоволство го работев. Но да напишам книга за она низ што јас сум минувал, не би сакал. Мојот приватен живот останува – приватен.

Постојат различни начини да се пишува книга без да се биде претерано приватен. На пример, патепис. Јуан Мекгрегор и Чарли Бурман патуваа со мотори низ светот и своите доживувања постојано ги преточуваат во книги, па дури и ТВ-серијали. Знам дека и Вие патувате многу.

М.Р. Патувам пет години подолго од Јуан Мекгрегор и не ми е јасна неговата потреба за пишување книги.

Добро. Да го оставиме буџетот и да видиме нешто за одговорноста. Ако бевте главен и одговорен уредник на Би-би-си или на која било друга ТВ-компанија , што ќе сменевте прво?

М.Р. Не знам! Сметам дека телевизиската понуда е добра во оваа земја. Нема потреба за големи измени.

Ви се допаѓа во целост? Мора нешто да недостига, што го нема, а би можело да постои?

М.Р. Не би рекол дека многу недостига. Во моментов имаме 400 канали и голем избор.

Колку мислите дека медиумите имаат одговорна улога во денешно време? Дали се гледате себеси како посредник, како на пример во Вашето шоу – кој му дава глас на обичниот човек?

М.Р. Е па, кога се во прашање медиумите, јас се чувствувам како аутсајдер. Гледам по работното време да се дистанцирам од луѓето што работат во печат или на телевизија. Секој ден по снимањето го напуштам студиото и се исклучувам од медиумскиот живот. Имам свој круг на пријатели, како и колеги од работа, и тоа ми е доволно. Сосема сум нормален!

Кои се Вашите размислувања за успехот и начинот на кој тој влијае врз личноста? Дали ја менува?

М.Р. Хмм… Зависи што подразбирате под успех. За мене успехот е постигнување на сопствените цели. Цели што сами си ги имате поставено. Ако целта ми била имање сопствено шоу на телевизија, веќе сум ја остварил. Тоа е таа цел. Понатаму, можам да имам поголемо, поуспешно шоу, со поголема публика, или помало, понеуспешно, но тоа веќе не е важно. Она што е важно е амбицијата, сонот за постигнување нешто.

Но успехот мора да Ве сменил на некој начин?

М.Р. Не… Воопшто не! Сè уште одам во истиот паб и пијам со истите луѓе, ги посетувам оние места што сум ги посетувал отсекогаш.

Ни најмала промена?

М.Р. Не! Навистина мислам дека воопшто се немам променето.

Каков било минус во врска со успехот?

М.Р. Не!

Ниту минус?

М.Р. Знаете што! За некои луѓе заработувањето милиони и милиони фунти е ознака за успех. За мене лично, успехот е остварување на моите цели и живеење на мојот живот. Во моментов имам фантастичен живот зашто сум ги остварил поставените цели.

Знам нешто за Словенија, но не знам ништо за Македонија

Колку сте поуспешен, толку повеќе ве критикуваат

Кои се поволностите што доаѓаат со Вашата работа?
М.Р. Работењето на телевизија е мошне добро платено. Тоа е голема поволност.

Како реагирате на критики?

М.Р. Постојано ги добивам.

Дали едноставно ги игнорирате?

М.Р. Бидејќи минав долго време во печатот, критикувајќи луѓе, би било наивно и глупаво од моја страна да не сум во состојба да примам критика. Понекогаш, ако критиката е персонална и одмаздничка, знае да боли, но ако е професионална и фер, тогаш ја прифаќам. Критиката е составен дел на успехот. Како што станувате поуспешни, така привлекувате повеќе критичари и непријатели, кои се спремни да ве нападнат.

Дали некогаш сте размислувале да се откажете од она што го работите?

М.Р. Не. Никогаш.

Кажете ми колкаво е влијанието на вашата фамилија во формирањето на личноста што сте денес?

М.Р. Мајка ми ги поддржуваше лабуристите, а татко ми конзервативната партија и цел заеднички живот го минаа расправајќи се. Расправаа за социјални теми и не можеа да се согласат за ништо. Така, израснав во атмосфера на поларни спротивности: социјалните станови се добри, социјалните станови не се добри; високата такса не е добра, високата такса е добра. Не паметам дали некогаш сум имал јасен став за нешто, бидејќи постојано сум бил изложен на две крајности. Што се покажа мошне корисно. Значи тоа е она што ми го дадоа родителите – две страни на нештата и нерешителност во што навистина да верувам.

Но сите нешта имаат две страни?

М.Р. Или повеќе!

Ајде да патуваме малку. Вие патувате многу. Насекаде низ Земјината топка. Колку земји имате посетено досега?

М.Р. Не знам. Многу.

Дали сметате дека патувањето е важно за ширење на личните видици и за отворање на свеста за светот околу нас?

М.Р. Сè зависи од тоа како патувате. Ако одите околу светот и престојувате во хотели со пет ѕвездички, јадете во скапи ресторани – тоа не е патување во вистинската смисла на зборот. Тоа е само продолжување на вашиот животен стил на различни континенти. Јас патувам на поинаков начин. Имам пријател со кој во изминатите десет години минав многу земји. Кога бевме во Индија и на Хималаите, главно кампувавме и бевме во тесна соработка со локалното население. Планираме патување за Јужна Америка. Повторно ќе бидеме вовлечени меѓу локалните луѓе и ќе им помогнеме при изградба на едно локално училиште. Значи, идејата е соработка, а не изолираност. Јуан и Чарли го шетаат светот на мотори, но како придружба имаат два камиони преполни со секаква техничка, медицинска опрема и сниматели. Јас и пријателот исто патуваме со мотори, на етапи, но сето она што го носиме е на моторите. Ако се случи некаде да заглавиме, нешто да се расипе, тогаш на самото место го решаваме проблемот, користејќи ја помошта на локалните луѓе. За мене тоа е авантура.

Мора да е неповторливо искуство?

М.Р. Да! Фантастично е!

Една земја кон која имате специјална наклонетост е Индија. Која е таа посебност на Индија што ја издвојува од другите земји?

М.Р. Доволно зборува фактот што голем дел од луѓето во Индија поседуваат само минимален број работи, а сепак успеваат да бидат задоволни и среќни. Овде луѓето и покрај сите материјални богатства ќе најдат да се жалат за нешто што не го поседуваат. Во спротивност, луѓето што ги сретнав во јужните држави на Индија, од руралните фармерски заедници, и покрај тоа што немаа ниту струја, ниту нешто повеќе од она што го носеа на себе…

Беа задоволни…?

М.Р. Не потполно задоволно, но не се жалеа постојано, па и она малку што го имаа, беа подготвени да го споделат со вас. И тоа ве прави да се чувствувате многу понизно. Значи, причината поради која ѝ се навраќам на Индија многу пати е што ме учи, што ме потсетува колку треба да бидеме благодарни за сето она што го имаме. И немаме право да негодуваме и најважно – да им се радуваме на работите што не се купуваат, а тоа се пријателствата, врските, фамилиите – тоа е од вистинска вредност.

Не знам ништо за Македонија!

Уште малку за патувањата… Дали некогаш сте ја посетиле Македонија?

 

Метју и Бисерка Кридланд

М.Р. Не. Ја имам посетено Словенија. И повторно планирам да ја посетам идното лето. Се запознав со еден Словенец, Лука, кој ми откри многу убави места за риболов. Јас сум ентузијастичен риболовец. Словенците ми се видоа како многу пријателски народ и преубава земја со фантастични места за риболов.

Но прашањето беше за Македонија…

М.Р. Веќе Ви одговорив, не знам ништо за Македонија. Знам нешто за Словенија.

Во југословенско време тие беа на север, ние на југ на земјата… Туку дали сте слушнале барем за некоја позната личност од Македонија?

М.Р. Не!

Еве ќе Ви помогнам… Мајка Тереза.

М.Р. Навистина!?

Да. Родена е во Скопје, Македонија.

М.Р. Имам пријател од Индија што работел со неа.

Речиси за крај, дали имате некаков совет за младите луѓе што би сакале да станат новинари. На што треба да бидат подготвени?

М.Р. Мислам дека е најважно да размислуваат со сопствен ум, да поставуваат многу прашања, но не и буквално да ги прифаќаат одговорите како вистина. Ете повторно да му се навратам на Френк Запа – Не верувај што ти е кажано – најдобра лекција што некој може да ти ја даде – затоа што постојат две страни на секоја приказна. Така што – поставувајте прашања, бидете скептични кон одговорите што ви се дадени и обидете се да најдете баланс. Треба да напоменам дека работев со Пирс Морган цело време во текот на кариерата во националните весници. Тој е неверојатна личност што работи во секој миг од секој даден ден. Од него научив додека бев во Флит стрит да работам неуморно, од 8 часот наутро до 1 часот по полноќ – 18 часа на ден, шест дена во неделата.

Значи новинарите треба да бидат подготвени многу да жртвуваат? Ова повторно ме навраќа на целата идеја за успех. Значи дека ако некој сака да има успешна кариера и е во можност да ја изгради, сето тоа мора да има негативен ефект врз приватниот живот. Дали тоа е можеби и случај со Вас?

М.Р. Мислам дека ако навистина се посветите себеси на нешто што сакате да го постигнете, цел на која потполно ќе ѝ се предадете…

Нешто мора да страда…

М.Р. Тогаш сè друго ќе страда. И тоа е изборот што треба сами да го направите. Кога Мајка Тереза им помагала на бедните во Индија, сигурен сум, голем дел од нејзиниот приватен живот бил на втор план.

Како знаете кога е време за одредени измени?

М.Р. Прашањето на вашата лична посветеност повеќе е поврзано со луѓето што ги ставате во втор план и дали самите можат да се справат со тоа. Ако и самите имаат активни животи и сопствени цели, тогаш нема да бидат премногу загрижени за вашата презафатеност. Ако пак се неактивни и постојано префрлуваат, тоа зборува повеќе за нив.

Значи за Вас значењето на времето минато со некого се мери во квалитет, а не во квантитет?

М.Р. Да, да.

Пред крајот на светот би си купил брод!

Уште едно прашање за крај. Ако Маите се во право во своите претскажувања дека светот ќе заврши во 2012 година, која работа би сакале да ја направите без одлагање? Нешто што Ви било голема желба целиот живот?
М.Р. Евентуално кога ќе ме отпуштат од работа, ќе купам брод и ќе научам да пловам.

Внимавајте, зборуваме за краен рок… 2012. Во прашање е итност!

М.Р. Ќе чекам. Односно, ќе ги извршувам работите онака како што доаѓаат на ред. Единствена работа што не сум ја планирал, кога ќе се пензионирам…

Што сакате да направите кога ќе се пензионирате?

М.Р. Сакам да го прошетам светот со брод и да живеам на него неколку години. И само ќе го следам сонцето и сезоните. Знам многу луѓе на разни возрасти што го имаат направено токму тоа. Живеат на брод по година-две.

Има и луѓе што возат на велосипед околу светот за последните 40 години…

М.Р. Ха, ха. Луди, но инспиративни.

Дефинитивно инспиративни. Ви благодарам за издвоеното време.

М.Р. Фала и на Вас.

Од Лондон, Бисерка Кридланд

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ