понеделник, 23 септември 2024
Интервју

Џефри Сакс за МКД.мк: САД треба да ги заборават своите хегемонистички илузии и да договорат мир со Кина, Иран, Русијa

За да прекине војната во Украина, НАТО ќе мора да се согласи дека нема да се шири, а Украина ќе мора да се откаже од дел од територијата. Ова е затоа што Украина загуби на бојното поле. Таа сега е земја со можеби 20 милиони луѓе, главно постари, бидејќи младите главно заминаа. САД требаше да го сопрат проширувањето на НАТО во 2021, и немаше да има никаква војна. Сепак, во оваа фаза, САД и Русија треба да ја завршат војната, дури и со украински загуби. НАТО да го „загуби образот“ е многу подобро од губење на цела Украина, и многу подобро од нуклеарна војна, вели Џефри Сакс, американскиот економист и професор на Колумбија универзитетот, еден од најбараните светски аналитичари за геополитичките случувања и за односот на САД со другиот дел од светот, во интервју за МКД.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Освен како економски советник на двајца руски и двајца украински поранешни претседатели, Сакс му беше советник и на поранешниот југословенски премиер Анте Марковиќ. Тој во однос на случувањата во Југославија смета дека поделбата на Србија, создавањето на Косово и формирањето на базата Бондстил е суштината на НАТО-бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година. 78-дневното бомбардирање на Белград беше невиден и апсолутно лош потег, но се случи затоа што Балканот во текот на деведесеттите години на минатиот век стана стратегиски важен за САД и се бараа фигури и во Југоисточна Европа, смета Сакс. Поради неговите ставови околу Украина и она што го прави Белата куќа Сакс за американските медиуми стана персона нон грата.

Тој на 3 октомври со видеообраќање ќе биде дел од меѓународната конференција „Кооперативен мултиполарен систем: Во потрага по нов светски поредок“ во Скопје. Конференцијата ја организира Центарот за глобални промени при Филозофскиот факултет во Скопје, кој го води професорката Билјана Ванковска. Насловот на рефератот на Џефри Сакс на оваа конференција е „Геополитика на мирот и падот на доминацијата на САД“.

Како поранешен економски советник на двајца руски и двајца украински претседатели, уште од самиот почеток застапувате став спротивен на мејнстримот во Соединетите Американски Држави во врска со војната во Украина. Вие велите дека војната била испровоцирана, што ѝ дало на Русија делумно право да интервенира. Каков е Вашиот став за тоа денес?

-Ова е војна против проширувањето на НАТО, и таква е уште од нејзиниот почеток во 2014. Во 1994 година, за време на владата на (Бил) Клинтон, САД усвоија план за ширење на НАТО на исток, вклучувајќи ја Украина. САД го спроведуваат тој план веќе 30 години, вклучувајќи ја американската улога во уривањето на украинскиот претседател Виктор Јанукович во 2014, кој беше против влегување во НАТО. Токму превратот во 2014 година ја испровоцира оваа војна. САД веруваа дека можат да ѝ го одземат на Русија влијанието во Украина, дека Русија ќе престане да биде голема сила, став изразен во 1990-те од страна на Збигњев Бжежински.

Како би реагирале САД во слична ситуација? Кога, на пример, Русија би раширила некои од своите „одбранбени“ сојузи сè поблиску и поблиску до американските граници?

-САД ја усвоија Мороовата доктрина во 1823, порачувајќи им на големите европски сили дека не смеат да се шират и да се мешаат во Соединетите Држави. Кога Советскиот Сојуз се обиде да постави воена база со офанзивни нуклеарни оружја на Куба во 1962, САД беа спремни за војна. САД никогаш не би прифатиле руска или кинеска воена база во близина на американските граници. Што значи дека САД наметнуваат доминација, а не реципроцитет. „Правете го тоа што го кажуваме, а не тоа што го правиме“.

Сите теории на заговор за некаков вид тајни друштва, за лобија на воено-индустрискиот комплекс, приватни безбедносни компании што работат за државни интереси, по сите овие случувања во светот, не само во Украина, некако излегоа од маглата, се тргна превезот на мистеријата. Какви се Вашите превидувања за иднината на овие случувања?

-Намерата на САД да наметнат доминација во сите делови на светот не е теорија на заговор, туку поставена цел на неоконзервативците, кои доминираат со американската политика уште од крајот на Студената војна.

Инсистирате дека мирот во Украина треба да се обнови со преговори. Сега, во оваа фаза на војната, дали тоа воопшто е можно без територијални концесии од Киев и губење на образот на НАТО?

-Не е можно. За да прекине војната, НАТО ќе мора да се согласи дека нема да се шири во Украина, а Украина ќе мора да се откаже од дел од територијата. Ова е затоа што Украина загуби на бојното поле. Таа сега е земја со можеби 20 милиони луѓе, главно постари, бидејќи младите главно заминаа. Во Украина има повеќе од 500.000 загинати. Русија е многу поголема и многу помоќна, и е нуклеарна суперсила. Целата војна е дебакл. САД требаше да го сопрат проширувањето на НАТО во 2021, и немаше да има никаква војна. Сепак, во оваа фаза, САД и Русија треба да ја завршат војната, дури и со украински загуби. „Губењето образ“ на НАТО е многу подобро од губење на цела Украина, и многу подобро од нуклеарна војна (што не треба ни да се каже).

Отворено изјавивте дека го сметате Вашингтон за виновен за саботажата на гасоводот Северен тек. Дали некогаш ќе дознаеме кој е злосторникот?

-САД го разнесоа гасоводот, но ова ќе остане тајна сè додека некои нови откривачи и свиркачи не објаснат што навистина се случило.

Во меѓувреме избија нови конфликти – Газа, Иран, Пакистан, Јемен… Што сега? Може ли да се предвиди следниот конфликт? Можеби на Балканот?

-Соединетите Американски Држави треба да ги заборават своите хегемонистички илузии, и да договорат мир со своите ривали – Кина, Иран, Русија. Потоа може да се постигне мир. Ни треба дипломатија, а не обиди за хегемонија преку војна.

Гледате ли решение за израелско-палестинското прашање? Можно ли е да се постигне какво било решение со две држави, израелска и палестинска, со националистичка влада во Тел Авив како актуелнава на Нетанјаху? И дали Вашингтон некогаш ќе може да ги притисне Израелците да прифатат компромисно решение?

-Решението со две држави треба да биде наметнато од страна на Обединетите нации, кои имаат моќ да наметнат решение и да постават мировни сили. Решението со две држави никогаш нема да се случи со согласност на Израел. Мора да му биде наметнато на Израел. Сепак, САД продолжуваат да го попречуваат решението со две држави и со тоа мирот на Блискиот Исток.

Американската надворешна политика е проследена со големи кризи кои го надополнуваат имиџот на негативец на Соединетите Држави во остатокот од светот. Се чини дека американските вредности втемелени во американскиот Устав се заборавени. Постои ли можност Соединетите Држави трајно да ги изгубат вредностите врз кои беа формирани со Уставот од 1776?

-Соединетите Американски Држави сè повеќе стануваат таинствена „безбедносна држава“, водена од илузии за глобална хегемонија пред здравиот разум и пристојноста за целиот свет. Американската Декларација за независност била издадена со „достојна почит за мислењата на човештвото“. Денес, се чини дека американските лидери немаат достојна почит за мислењата на човештвото, или веруваат дека „извртувањето“ и „наративот“ се сосема доволни – но не се.

Ќе ја сменат ли претстојните претседателски избори надворешната политика на САД со надеж дека ќе се постигне мир во Европа? Сметате ли дека можното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа ќе значи конечно повлекување на американските трупи од Сирија, Ирак и Блискиот Исток?

-Американските избори реално имаат многу мало влијание врз американската надворешна политика. Клинтон, Буш помладиот, Обама, Трамп и Бајден сите се однесуваат речиси исто. Она што би ги сменило нештата е нова одлука од страна на американската длабока држава (или „постојана влада“) дека на САД им е потребна нова надворешна политика. Актуелната, заснована врз обидите на САД за глобална хегемонија, не функционира.

Александар Дамовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ