На 13.02.2023 година, ја напуштивме коалицијата предводена од СДСМ. Причините за напуштање на коалицијата беа неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој предлагавме Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на Преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензуз.
Инаку, за соработка и заеднички настап на претстојните парламентарни избори Демократскиот сојуз има приоритети меѓу кои се: темелни уставни реформи со донесување на нов Устав (без Бадентер и балансер), реформи во судскиот систем и реизбор на судиите и обвинителите, изградба на ефикасен систем за борба против корупцијата и формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал, вклучување на младите во власта (најмалку 30% во советите на општините и парламентот) и посебни предуслови за отворање на бизнис, реформи на администрацијата (укинување на 50% од министерствата, агенциите, регулаторните тела итн.), намалување на бројот на пратениците на 90, но и Македонија да биде една изборна единица, како круцијален предуслов за демократизација и промена на власта.
Во оваа насока се и нашите цврсти партиски определби за полноправно членство во ЕУ, продолжување на реформите во одбраната како членка на НАТО и водење надворешна политика согласно нашите стратешки цели и интереси усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред сѐ на САД“, се вели во партиското соопштение.