„Годинава Велигден се празнува во време на голема неизвесност и на човечки страдања предизвикани од бројни кризи, воени жаришта, елементарни непогоди и социјални неправди. Особено се погодени најранливите меѓу нас. Велигденската порака нѐ поттикнува, да се поистоветуваме со оние коишто страдаат и со длабока хуманост, солидарност и со емпатија да се застапуваме за мир, за социјална правда и за општество со еднакви можности за сите. Повикани сме да ги поткрепиме оние на коишто им е најпотребна помош, бидејќи малите чекори на добрина можат да направат големи промени во заедницата. Христос воскресна! Навистина воскресна!“, се вели во честитката од претседателот Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски во писмо до д-р Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Епарх Струмичко-скопски упати честитки за најголемиот христијански празник Велиден, до него, до свештенството и верниците на Католичката црква кои денеска го чествуваат празникот.
„Големите празници секогаш носат голема духовна сила. И овој празник, што ја слави победата на животот над смртта, нека ја обнови вербата кај секого дека храбрите дела, базирани на љубовта и меѓусебното разбирање, се патот до заедничкото добро. Посакувам празникот на Христовото Воскресение да го поминете меѓу најблиските, во радост и спокој“, напиша во писмото до бискупот Стојанов, премиерот Ковачевски.
Честитки упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Упатувам срдечни желби до сите празникот да го дочекате пред сѐ во добро физичко здравје, душевен мир и семејна благосостојба и напредок. Со оглед дека на празникот му претходи период на пост со кој се прочистуваат телата, тоа е одлична можност и за духовно прочистување на мислите и душата и обновување на вербата и надежта кај сите. Нека пораките на меѓусебно разбирање, взаемна почит, солидарност и човечност бидат најдобрата основа врз која ќе се гради и просперира Република Северна Македонија. Ова се времиња на предизвици и потребно е сите да сме силни и со духот и со телото. Потребно е да сме сплотени за да бидеме силни и цврсти во заедничките одлуки што ги носиме за доброто на сите. Затоа што се тоа одлуки со кои и ќе живееме сите. Верувам дека светлината на овој голем празник ќе ги осветли душите, ќе ги стопли срцата и ќе го разбистри умот на сите што низ животниот вртлог застранија или го загубија својот пат и својот мотив. Нека таа светлина ги осветли и стопли домовите на сите граѓани, нека донесе мир и хармонија во мислите и срцата. Честит католички Велигден!“, се вели во честитката од Џафери.
Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден. Традиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, kаде што беше отслужена Воскресна литургија. Православните христијани пак, денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица. Овој празник ја одбележува последната недела пред почетокот на Исусовите страдања, смртта и Воскресението. Се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, градот во кој по неколку дена ќе биде погубен.