понеделник, 18 ноември 2024
Билатерална средба Николовски-Оздемир

Доколку Македонија стане членка на Европската Унија во агро секторот сѐ би било поинаку

Доколку Македонија стане членка на Европската Унија (ЕУ), сѐ би било поинаку, и во однос на цените и во однос на агро секторот. Би имала пристап до заедничките пазари и би имала повеќе можности, оцени денеска германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир одговорајќи на новинарски прашања по средбата со својот домаќин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Тој уште кажа дека зголемувањето на инфлацијата не е поврзано со внатрешната политика на Македонија, туку е резултат на руската агресија врз Украина која доведе до зголемени трошоци и поскапување на енергијата. Во Германската амбасада во Скопје од јануари 2024 година ќе биде назначен аташе за земјоделство, кој освен за земјава, ќе биде надлежен и за цел Западен Балкан, најави денеска Оздемир.

Објавено на

часот

Сподели

Тој повтори дека Германија има јасна определба и сака колку што е можно побрзо Македонија да стане полноправна членка на ЕУ.

„За Сојузна Република Германија е јасно дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и јас би сакал, во рамките на мојата надлежност како министер за исхрана и земјоделство, да го искажам мојот респект за напорите што ги направи вашата Влада и вашата земја на досегашниот пат. Морам да кажам дека овој пат навистина не е едноставен, не е ни краток во однос на војната што сега се случува во Европа. Сето тоа покажува дека соработката помеѓу државите е многу важна, а диктатурите не сакаат да постои таков тип на соработка. Ние ќе направиме сѐ што можеме за да ве поддржиме на вашиот пат кон полноправно членство во ЕУ“, потенцира германскиот министер.  

Во однос на инфлацијата, пад во Германија има, рече Оздемир, но стапката е сѐ уште висока и не е вратена во состојбата како што била пред војната во Украина.

Сѐ ова е поврзано со руската агресија врз Украина. Тоа доведе до зголемени трошоци, енергијата поскапе и тоа имаше влијание и врз инфлацијата. Значи, тоа не е нешто што е поврзано со внатрешната политика, туку, меѓу другото, и со војната во Украина. Од заеднички интерес е оваа војна да заврши со надеж дека сето тоа ќе може да влијае и врз инфлацијата и ќе се овозможи намалување, односно стабилност на цените. Би било многу поинаку доколку земјата има пристап и е дел од заедничките пазари на ЕУ и би било многу поинаку доколку земјата стане полноправна земја членка на ЕУ, тогаш и за земјоделството би било многу подобро, би имала пристап до тие пазари и би имала повеќе можности, но се разбира дека има актери кои навистина не го сакаат тоа и кои сметаат дека тоа не е во нивен интерес исто како и Русија“, рече Оздемир.

Поддршка за реформите во шумарството, унапредување на органското производство преку иновативни технологии и поголема трговска размена, договорија денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир.

На билатералната средба што се одржа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), стана збор и за Декларацијата потпишана во Софија, како и за Акцискиот план во рамки на „зелената агенда“.

Николовски се заблагодари за институционалната поддршка на Германија која доаѓа, како што истакна, во клучни моменти на подготовка на државата за преговори во најголемиот кластер и во најтешките и најобемни поглавја за земјоделство, безбедност на храна и рибарство. Овој кластер, изјави Николовски, опфаќа 40 проценти од целокупните преговори и документи што треба да ги хармонизира земјава со европското законодавство. 

„Денеска договоривме голема поддршка од германското федерално министерство во рамки на ‘зелената агенда’, на она што е клучна цел, а тоа се шумарството и реформите што ги почнавме во овој сектор, а еве и уште посилна јасна поддршка од Германија во делот на ‘зелената агенда’. Разговаравме и за унапредување на билатералната соработка. Извозот на македонските земјоделски производи во Германија постојано расте особено по 2020 година, по ковид-кризата, но секогаш има простор за уште поголема трговска размена, особено кога зборуваме за многу пријателски, отворени партнери и особено кога станува збор за наш стратешки партнер како што е Германија“, истакна Николовски.

Тој го информира Оздемир за тековните проекти кои се поддржани од Германија преку германската Развојна банка.

„Досега се реализираа два проекти на околу 4.400 хектари – нов систем за наводнување, но и шест милиони евра што ги добивме како грант токму за реализација на проектот за реализација на Јужновардарска Долина, за системот за наводнување, меѓутоа и за она што следи, а тоа е во следните неколку недели потпишувањето на новиот договор за новата програма за наводнување на Северна Македонија каде што има четири големи системи за наводнување во вкупна вредност од над 100 милиони евра каде што исто така имаме грант поддршка од германската Развојна банка. Ова говори за многу облици на соработка и многу облици на поддршка што ги добиваме токму од Германија, една од најстарите членки на ЕУ“, рече Николовски.

Германскиот министер ја истакна соработката меѓу двете земји во рамки на аграрно-политичкиот дијалог и го поздрави тоа што Македонија ја усвои „зелената агенда“ за Западен Балкан која е во согласност со Зелениот договор на ЕУ .

„Станува збор за одржливо земјоделство помеѓу Германија и Западен Балкан во соработка со Постојаната работна група за рурален регионален развој во која учествуваат и претставници од ова министерство, како и експерти и можам да кажам дека тие навистина дадоа голем придонес во овој аграрно-политички дијалог. Ме радува многу што дознав дека во соработка со аграрно-политичкиот дел се донесе нов Закон за вино, а ќе стане збор и за одржлива трансформација на прехранбените системи. Соработката што постои помеѓу Северна Македонија и СР Германија е навистина блиска. Ме радува многу што Северна Македонија ја усвои ‘зелената агенда’ за Западен Балкан која е во согласност со Зелениот договор на ЕУ и што зацрта цел да развие макроекономија која ќе биде климатски неутрална, климатски отпорна и која ќе има ефикасни ресурси“, подвлече Оздемир. 

За време на престојот во земјава, Оздемир ќе има можност да посети винарија, да проба македонски производи и да запознае млади земјоделци, како и жени фармери. Денеска, тој ќе се обрати на првиот академски час на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) и заедно со Николовски ќе учествува на средбата на деканите и продеканите од Асоцијацијата на факултетите за земјоделските науки од Југоисточна Европа што ќе се одржи на ФЗНХ.

Во Германската амбасада во Скопје од јануари 2024 година ќе биде назначен аташе за земјоделство, кој освен за земјава, ќе биде надлежен и за цел Западен Балкан. Се работи за Франк Милер, германски дипломат вработен во Германското сојузно министерство за земјоделство и храна, кој до скоро работел во Киев, Украина, најави денеска Оздемир.

Целта на неговата позиција, како што соопшти Оздемир, ќе биде интензивирање на соработката во агро секторот.

Милер ќе треба да ги обедини земјите од Западен Балкан за заедничко унапредување на земјоделскиот сектор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ