петок, 22 ноември 2024

Додека Судскиот совет заседава, Управниот суд јавно ја објави пресудата за Дамева

На поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева воопшто не ѝ биле предочени причините поради кои Судскиот совет на седница го поставил прашањето за оценување на нејзината доверба, не ѝ биле презентирани факти и докази, не ѝ било оставено доволно време за да се подготви, ниту пак реално ѝ било овозможено доволно време да презентира аргументи, факти и докази со кои ќе се спротивстави на „вербалните обвинувања“, констатирал Управниот суд во пресудата со која е утврдено дека Дамева незаконски е разрешена од функцијата, а која што денеска беше објавена на веб страницата на судот.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Во пресудата хронолошки и таксативно се наведени основите на кои се повикала Дамева во тужбата. Незадоволна од одлуката за нејзино разрешување, Дамева со тужба за управен спор ја оспорила истата, поради, како што напишала, погрешна примена на материјалното право. Дамева во тужбата напишала дека во постапката која претходела на разрешувањето, не се постапило според правилата на постапката, а погрешно и нецелосно била утврдена и фактичката состојба во постапката.

„Во тужбата се наведува дека иако во Законот за судски совет нема одредби со кои е пропишана правна заштита на правото на претседателот на Советот, во ситуација кога Судскиот совет  донесува одлука за негово разрешување од функцијата и одземање на мандатот, сепак тужбата се поведува затоа што во конкретниот случај станува збор за управен акт со кој се одлучува за право на странка, а во законот не е предвидено право на жалба, поради што странката може да поведе управен спор за заштита на своето право“, наведуваат во пресудата од Управниот суд.

Понатаму се наведува дека во конкретниот случај предмет на разгледување и одлучување била недовербата на претседателот на Судскиот совет, иако не постои законска можност ниту со Законот за Судскиот совет, ниту во Деловникот за работа да се разгледува и оценува довербата на претседателот и да се предлага негово разрешување. При тоа се наведува дека на Дамева воопшто не ѝ биле предочени причините поради кои било поставено прашањето за оценување на довербата, не ѝ биле презентирани факти и докази, не ѝ било оставено доволно време за да се подготви, ниту пак реално ѝ било овозможено доволно време да презентира аргументи, факти и докази со кои ќе се спротивстави на „вербалните обвинувања“.

„Исто така се наведува дека оспорената одлука и покрај тоа што е донесена во незаконита процедура, истата и од формално правен аспект не може да се испита, од причина што во предметната одлука само било наведено дека одлуката е донесена согласно член 38 од Законот за Судскиот совет, со која законска одредба се регулира работата на седници на Судскиот совет, а која законска одредба не претставува основа за разрешување на претседател на Советот што укажува на отсуство на материјално право врз основа на кое може да се донесе и заснова ваквата одлука“, наведува Управниот суд“.

Во одговорот на тужбата на Дамева пак, Судскиот совет му предложи на Управниот суд да ја одбие тужбата како неоснована, со образложение дека одлуката за разрешувањето на Дамева била донесена согласно член 38 став 8 од Законот за Судскиот совет, каде било предвидено дека Советот ги донесува одлуките со мнозинство од присутните членови со право на глас.

„Прашањето за доверба беше предложено како точка на дневен ред од страна на пет членови на Советот, а самиот член 38 од Законот за Судски совет не дава ограничување по однос на тоа која точка ќе биде ставена, туку дека седница се свикува по предлог од најмалку пет члена на Советот. Управниот суд во конкретниот спор не може да ја примени одредбата од член 3 став 5 од Законот за управните спорови од причина што Судскиот совет е самостоен и независен орган на судството и не е орган на државната управа, ниту било кој друг субјект од цитираната одредба“, напишал Судскиот совет во одговорот на тужбата што Дамева ја поднесе поради нејзиното разрешување.

Имајќи ги во предвид сите околности во овој случај Управниот суд решил дека тужбата на Весна Дамева е основана затоа што со неа се „оспорува Одлука на Судскиот совет со која е повредено право на тужителот, против којаодлука не е дозволено изјавување на редовно правно средство и не е обезбедена правна заштита во друга судска постапка. Исто така тужбата е навремена и поднесена од овластено лице“.

„Оценувајќи ја законитоста на оспорената Одлука, судот најде дека истата е незаконита поради повреда на правилата на постапката, односно од причина што оспорената Одлука содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот“, пишува во дел од образложението на Управниот суд.

Судот при својата одлука се повикува на повеќе членови од Законот за управни спорови како и од Законот за Судски совет со кои ја аргументира својата пресуда, а се однесуваат на законитоста на одлуката на Судскиот совет како и на начинот и постапката во која Дамева е разрешена од функцијата.

„При повторното постапување, тужениот орган да ги има во предвид укажувањата дадени од судот, па по спроведена законита постапка, во рамките на своите надлежности, со повикување на конкретни законски одредби да донесе образложена и законита Одлука“, пишува во дел од пресудата на Управниот суд.

Пресудата е донесена на 14.12.2023 година и против неа никој нема право на жалба.

„Пресудата е донесена без одржување на јавна расправа, согласно Законот за управните спорови, според кој судот по исклучок, одлучува по управниот спор без да одржи расправа, ако најде дека оспорениот управен акт содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот, поради што ќе го поништи таквиот акт, како што е случај во конкретниот предмет“, пишува на крајот од обраложението на пресудата со која Управниот суд одлучи дека Весна Дамева незаконски била рарешена од функцијата претседателка на Судскиот совет.

Весна Дамева е избрана за член на Судскиот совет во декември  2019 година на предлог на претседателот на државата откако претходната претседателка Павлина Црвенковска си поднесе оставка од функцијата. Три години подоцна, во декември 2022 година е избрана за претседател на Судскиот совет. На крајот на април 2023 година, Дамева беше разрешена кога по неколкучасовна кавга, нејзиниот тогашен заменик, Селим Адеми побара, а Дамева одби да поднесе оставка од функцијата. Меѓу забелешките за работата на Дамева беше и тоа што, дел од членовите на советот ја обвинија дека го криела писмото што американската амбасадорка Анџела Агелер го испратила до Судскиот совет.

Во мај 2023 година, Дамева поднесе тужба пред Управниот суд и кривична пријава за злоупотреба на службена должност.

По ова следуваа жестоки рекации од дел од судската феланевладиниот секторполитичарите.

Нема напредок во правосудниот систем во Македонија, констатирше Европската комисија (ЕК) во годишниот Извештај. Судскиот совет беше издвоен во извештајот токму поради „контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева“.

Начинот на кој беше разрешена Дамева беше една од причините во јуни минатата година судиите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоски да си дадат оставки од членови на Судскиот совет.

На почетокот на мај 2023 година, на вонредна седница на Судскиот совет, Сашко Геориев беше избран за нов претседател на Советот, функција која што сѐ уште ја извршува.

Токму по пресудата денеска на работен состанок расправа Судскиот совет.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ