петок, 25 октомври 2024
Србите на протест

„Додека ние молчевме, злото и криминалот растеа“

Објавено на

часот

Сподели

Пукањето во средата во основно училиште во Белград и еден ден подоцна во рурална област јужно од Белград, ја вџашија нацијата и поттикнаа повици да се охрабри толеранцијата и да се ослободи општеството од широко распространетиот говор на омраза и „културата на оружје“.

Во центарот на Белград синоќа се одржа протест „Србија против насилството“.

Наставничката по српски јазик и литература Марина Видојевиќ изјави дека граѓаните ги насобрала страшна и невидена трагедија.

„Тука сме затоа што повеќе не можеме да чекаме. Предолго чекавме и молчевме и ги вртевме главите на другата страна и за тоа време се зголемија злото и криминалот“, рече таа.

Опозицијата упати неколку барања до властите за стопирање на промовирањето насилство во медиумите и јавниот простор, оставки на одредени министри и итна седница на Собранието на која ќе се расправа за безбедносната состојба во државата и за одговорноста на Владата. Даден е рок до петок за исполнување на барањата. Во повеќе градови во Србија се одржаа протестни собири.

„Не ни требаат уште полиција, уште оружје или чувари, туку политичка промена и трансформација на културата на живеење“, рече во неделата копретседателката на партијата Заедно Билјана Стојковиќ.

„Политичка – затоа што треба одново да научиме како да зборуваме и да создаваме здрава иднина, културна – затоа што треба одново да сфатиме како да ја поттикнеме убавината на живеењето, уметноста, науката и човештвото. Цела деценија овде владеат најлошите, кои ни ги наметнуваат нормите на агресија, нетрпеливост, криминал и лага“.

Власта ја обвини опозицијата дека со протестот поттикнува нестабилност. Во саботата вечерта, претседателот Александар Вучиќ за РТС изјави дека маршот на опозицијата е „целосно погрешен и неодговорен“ и „лош и штетен за земјата“ по ваквите трагедии.

д

Министерството за образование го објави Кризниот интервентен план за ОУ „Владислав Рибникар“ во кој учениците постепено ќе се враќаат од среда, 10 мај, откако утрото на 3 мај тринаесетгодишен ученик од тоа училиште уби седум девојчиња, едно момче и чувар, а рани уште шест ученици и една наставничка. Министерствата за образование и здравство формираа Тим за психолошка кризна интервенција составен од психолози, психотерапевти и психијатри.

Во четвртокот вечерта, 21-годишен маж, пукајќи неконтролирано од автоматско оружје, уби осум лица, а рани 14 во селата Мало Орашје кај Смедерево и Дубона и Шепшин кај Младеновац. Призна дека пукал во неколку лица што биле во групата, а кои не ги познавал, за да го исплаши населението, соопштија од Вишото јавно обвинителство Смедерево.

Ројтерс објави дека на вчерашниот протест во главниот град на Србија се собрале десетици илјади граѓани, а таква бројка со години не била забележана во таа земја.

Демонстрантите и поддржувачите на опозицијата бараат разрешување на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на печатените медиуми и таблоидите што промовираат омраза и насилство и го кршат новинарскиот кодекс. Меѓу барањата е и разрешување на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин.

Во Србија вчера почна доброволното предавање на нерегистрираното оружје и муниција. Граѓаните што тоа ќе го направат до 8 јуни нема да сносат никаква кривична одговорност и последици, ниту ќе треба да го докажат потеклото на оружјето и да донесат каква било документација, соопшти МВР.

МУП соопшти дека првиот ден биле предадени повеќе од 1.500 парчиња оружје.

УНИЦЕФ: Не инспирирајте го имитаторот

Канцеларијата на УНИЦЕФ во Србија повика, во Препораките за известување за масовни пукања, да се известува што е можно помалку за самите насилници и предупреди дека начинот на кој медиумите известуваат за масовно насилство, семејно насилство и самоубиства може да влијае на другите луѓе.

Во Препораките доставени до Здружението на новинарите на Србија, известувањето за самите сторители може да ја натера јавноста да се идентификува со сторителите или да добие инспирација од начинот на известување.

„Не известувајте за настанот поедноставено или сензационалистички, бидејќи тоа може да им даде поттик на луѓето што сакаат негативен публицитет“, наведуваат во Препораките и додаваат дека меѓу последиците од штетното известување, можно е да се инспирираат имитатори, кои го гледаат сторителот како пример или херој.

Срце врз Младиќ

Големо срце вчераутро беше нацртано со црвена боја над муралот на поранешниот командант на Главниот штаб на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, на улицата Његошева во Белград.

Граѓаните се обидоа да го отстранат муралот со челични четки, но акцијата завршила со исцртување на срцето, кое го покрива лицето на Младиќ, објави српскиот портал Данас.

Муралот, кој се наоѓа само неколку блока од училиштето каде што се случи пукањето, повеќе пати беше отстрануван и враќан во првобитната состојба.

Меѓународниот суд во Хаг го осуди Младиќ на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето за време на војната во Босна и Херцеговина во 1992-1995 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ