вторник, 22 октомври 2024

ДКСК до Судскиот совет: Иницијативата за одговорност во АСЈО не смееше да биде отфрлена

По одлуката на Судскиот совет да ја отфрли иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК за утврдување на одговорност на членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) како ненавремена, денеска од ДКСК нагласуваат дека постапката е иницирана токму во рамките на законските рокови, како и во рамките на законски утврдените надлежности на Комисијата. Од ДКСК нагласуваат дека најголем императив во постапувањето на Судскиот совет треба да биде санкционирање на пријавените кои постапиле  спротивно на закон,

Објавено на

часот

Сподели

Од ДКСК наведуваат дека иницијативата за поведување на постапка за утврдување на одговорност е поднесена во рокот од 15 дена од приемот на последната одлука донесена од страна на Вишиот управен суд во врска со конкретниот случај, а во согласност со Законот за спречување на корупцијата.

„И покрај тоа, сакаме да истакнеме дека рокот од 15 дена не е преклузивен рок, истиот е инструктивен рок, односно со негово пропуштање на се губи правото за преземање на определено дејствие, бидејќи нема одредба во Законот која предвидува последица од непостапувањето по тој рок.

Ја информираме јавноста дека за оваа одлука сме информирани единствено преку медиумите, додека по официјалниот прием на одлуката ќе бидат искористени сите правни средства за нејзино оспорување. Особено сакаме да потенцираме дека најголем императив во постапувањето на Судскиот совет треба да биде санкционирање на пријавените, со оглед на тоа што од страна на пријавените лица е постапено спротивно на закон, кое нешто е утврдено со одлука на ДКСК, и потврдено од Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, во рамките на законските рокови“, се вели во соопштението на ДКСК.

Од антикоруциската комисија нагласуваат дека остануваат посветени на промовирање на транспарентност и отчетност и дека нема да отстапат од својата мисија да дејствуваат одлучно во заштитата на јавниот интерес.

„Комисијата останува посветена на соработката со сите надлежни институции и на примената на сите достапни правни средства за постигнување на своите цели.  Остануваме отворени за комуникација и информирање за сите понатамошни чекори во врска со оваа постапка“, се вели на крајот од реакцијата на ДКСК.

Инаку, Судскиот совет вчера ја отфрли иницијативата од ДКСК како ненавремена со девет гласови за и два гласа против.

Поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик, ДКСК бара утврдување на одговорноста на претседателот на Управниот одбор на АСЈО, Беким Мехмеди, како и на членовите на Одборот, Зоран Герасимовски, Беса Адеми, Љупчо Коцевски, Бесир Алиу, Џемали Саити, Ермон Незири, Валентина Шаурек и Душица Димитриевска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ